БУГАРСКОТО МАЛЦИНСТВО ЌЕ БИДЕ ВПИШАНО ВО УСТАВОТ ПРЕД ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО СОФИЈА

    БУГАРСКОТО МАЛЦИНСТВО ЌЕ БИДЕ ВПИШАНО ВО УСТАВОТ ПРЕД ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО СОФИЈАЗаев на прес-конференцијата во Софија по средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев. (Фото: А. Антевска)

    Од Софија за САКАМДАКАЖАМ.МК: Ана Антевска

    Во македонскиот Устав пред членството во Европската унија ќе бидат впишани и сите помалубројни народи во земјата, меѓу кои и бугарскиот, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Софија по средбата со бугарскиот технички премиер Стефан Јанев.

    „Северна Македонија пред членството во ЕУ го отвора Уставот, наш став е сите помалубројни народи во нашата држава да бидат впишани во Уставот, вклучувајки го и бугарскиот, хрватскиот народ и други заедници. Нашиот Устав е создаден 1991 година, тогаш е впишан македонскиот, албанскиот народ, Србите, Турците, Власите, Ромите, Бошњаците и другите народи. Ако сакаме да бидеме земја-членка на ЕУ треба да имаме европски Устав, во кој што по примерот на една Хрватска ќе ги впишеме и другите народи“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање.

    Заев денеска е во Софија заедно со министрите Бујар Османи и Никола Димитров на средби со државниот врв и лидери на поголеми партии, за да се најде решение за Бугарија да го тргне ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

    Заев и техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев договорија да продолжат разговорите на политичко ниво за да се најде решение за спорот. Двајцата кажаа дека решение е можно и дека тоа треба да го изнајдат политичарите.

    Премиерот Заев имаше средба и со претседателот Румен Радев на која беше истакнато дека посетата на делегацијата на Владата на Република Македонија на Бугарија на највисоко ниво е од исклучителна важност и доаѓа во момент кога силната динамика на контактите и дијалогот е од огромна важност за односите меѓу двете земји.

    Радев и Заев се согласиле дека јасната европска перспектива на земјава е од големо значење за Бугарија и нејзиното конкретно остварување е во прилог на заедничката иднина на двете земји во ЕУ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира