Со протест на околу стотина лица пред зградата на новиот Кривичен суд, денеска почна судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Со зурли и тапани и извикување „Македонија, Македонија“ групата која протестираше ги пречекуваше обвинетите Митко Чавков, тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на Оперативниот штаб на МВР за време на нападот на Собранието, пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Зоран Василевски како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
Обвинетите беа донесени со полициска придружба.
Во предметот што го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска, за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста обвинети се 33 лица, а двајцата агенти од УБК кои ги одземаа снимките од безбедносните камери во Собранието се товарат за помагање за истото кривично дело, според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март годинава.
Обвинети за организираниот напад на Собранието се четворицата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски. Покрај пратениците обвинети се и Митко Чавков, , организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.
А. АНТЕВСКА