ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ОД ГЕВГЕЛИСКАТА БОЛНИЦА ЗА СМРТТА НА РОДИЛКА, ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОБВИНЕНИЕ

    ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ОД ГЕВГЕЛИСКАТА БОЛНИЦА ЗА СМРТТА НА РОДИЛКА, ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОСЛОБОДЕНИ ОД ОБВИНЕНИЕ„Очекувано беше дека ќе има виновни, но само анестезиологот го осудија. За жал времето во затвор ќе мине, а Маја нема да се врати. Четири години за два млади животи, а боли што гинеколозите се ослободени. Водач на тимот кој ја породува сопругата е д-р Чалков. Со ваквата пресуда делумно е задоволена правдината а цел живот останува болката“, рече Димитриј Кадиев, сопругот на родилката Маја Кадиева (Фото: СДК.МК)

    Анестезиолог Томчо Ванчев со неправосилна пресуда е прогласен за виновен и доби четири години затвор за случајот со смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе од Гевгелија. На д-р Ванчев одземена му е и докторската лиценца, а изречена му е и забрана за вршење на професијата лекар специјалист анестезиолог во време од пет години, при што времето минато во затвор на се засметува. Во случајот беа обвинети и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов, кои се ослободени од обвинението за ,,тешки дела против здравјето на луѓето“.

    Одлуката ја прочита судијата Габриела Гајдова во името на петочлениот судски совет, со кој таа претседаваше. Сопругот на почината родилка и нејзината мајка со солзи ја пречекаа судската одлука.

    „Очекувано беше дека ќе има виновни, но само анестезиологот го осудија. За жал времето во затвор ќе мине, но Маја нема да се врати. Четири години за два млади животи, а боли што гинеколозите се ослободени. Водач на тимот кој ја породува сопругата е д-р Чалков. Со ваквата пресуда делумно е задоволена правдината а цел живот останува болката“, рече Димитриј Кадиев, сопругот на родилката Маја Кадиева.

    Таа почина на 22 октомври 2015-та година при извршувањето на царскиот рез во Гевгелиската болница. Подоцна, по 10-тина минути почина и нејзиното бебе. Обвинителството ги товареше тројцата доктори дека работеле индивидуално, а не како тим и со преземените дејствија обвинетите предизвикале штетна последица, несовесно постапиле при укажување лекарска помош при процесот на породување. Со тоа предизвикале влошување на здравствената состојба кај родилката што резултирало со смртен исход на сега покојната и на новороденчето.

    При изрекувањето на пресудата присуствуваше само д-р Венци Чалков и неговиот бранител адвокат Борче Стојанов. Тој кажа дека нема да ја коментира судската одлука. Судијката Гајдова образложи дека д-р Ванчев сите работи кои се пишани во обвинението, според изведените докази ги сторил, односно не дошол на време на породувањето, бил во алкохолизирана состојба со 1,25 промили алкохол во крвта, извршил повеќе од три обиди на интубација.

    Доктор Венци Чалков според изведените докази постапил правилно за работите кои му се товарат во обвинението, во терминот кој го закажал царскиот рез бил според здравствените протоколи, потоа кога забележал дека д-р Ванчов е во алкохолизирана состојба тој реагирал до директорот на Болницата и дека по неуспешните обиди за интубација тој предложил царскиот рез да се одложи.

    Доктор Дончо Москов не можел да забележи дека д-р Ванчев е под дејство на алкохол и да бара одлагање на операцијата и дека излегувањето од салата на д-р Москов оти пациентката не можела да се воведе во анестезија нема причинско последична врска со смртта на родилката.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари