ЧУДНО Е ШТО СЈО ПРЕЗЕМА ИСТРАГИ ВО ВРЕМЕ КОГА РЕДОВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ ОСЛОБОДУВА ОД РЕЖИМОТ, ЌЕ ГИ ЗАСТАРИ, СМЕТА ПРОФЕСОРОТ КАЛАЈЏИЕВ

    ЧУДНО Е ШТО СЈО ПРЕЗЕМА ИСТРАГИ ВО ВРЕМЕ КОГА РЕДОВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО СЕ ОСЛОБОДУВА ОД РЕЖИМОТ, ЌЕ ГИ ЗАСТАРИ, СМЕТА ПРОФЕСОРОТ КАЛАЈЏИЕВ„Против тоа сум на Катица Јанева автоматски да ѝ биде продолжен мандатот, сметам дека треба да има реизбор. Но, го поддржувам СЈО со доза на автономија што ја има“, кажа професорот Калајџиев на денешната дебата во МАНУ. (Фото: СДК.МК)

    Ризикот за пропаѓање на истрагите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, меѓу кои се и онаа за пописот против Али Ахмети и Никола Груевски, „Империја“, „Пациент“ против Бујар Османи, „Моќник“ со Антонијо Милошоски, „Дизајн“ за кинеските автобуси, за патарините и други, стои ако Врховниот суд на утрешната општа седница одлучи дека надлежноста за нови истраги на СЈО истекла по тие 18 месеци. Ова ограничување СЈО да мора да отвори истраги и да поднесе обвиненија за толку кус период, е ставено во член 22 во законот за СЈО.

    На денешната расправа во МАНУ на која беа професори по кривично право и највисоката обвинителска власт во Македонија, на која се расправаше за статусот на СЈО, професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ како вклучен експерт во преговорите за формирањето на ова обвинителство, кажа дека членот 22 воопшто не постоел до крајот. Него во последен момент го договориле Заев и Груевски. Рокот, смета Калајџиев, е свесно договорен меѓу тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на СДСМ Зоран Заев, кои си така се договориле.

    Но, тој потенцираше и една друга работа која ги носи во застареност истрагите на СЈО, во кои се обвинети поранешни функционери.

    „Мојата теза е дека е многу чудно што СЈО презема предмети во време кога редовното Обвинителство за организиран криминал се консолидира. Логично беше тоа да го прави во време кога Обвинителството беше заробено. Тоа што СЈО презема предмети што почнало да ги работи редовното, а ги ставило во фиока, беше проблем на новиот обвинител да ги извади од фиока и да почнат тие истраги да се работат. А не да ги преземе СЈО. Сега доаѓаме до ситуација СЈО со тоа што ги земало, практично ќе ги застари. Дали е тоа намерно или не, може да шпекулираме сега“, смета Калајџиев.

    Тој вели дека Законот за СЈО мора да се почитува, дали ни се допаѓал или не.

    „Законот за Специјалното обвинителство треба да се толкува во неговата изворна смисла, колку тоа на некого да му се допаѓа или не, и да се толкува во корист на обвинетите, осомничените. Независно дали истрагите на СЈО согласно рокот ќе пропаднат, треба да му се даде поддршка да опстои како контрола на политичката власт за во иднина, бидејќи има неспорни капацитети кои други ги немаат. Моето неспорно залагање е тоа да се спои со другото Обвинителство за организиран криминал. Треба да биде независно, зашто гледате дека Јавниот обвинител ни го бира сѐ уште Владата“, рече професор Калајџиев.

    Бомбите, според него, треба да се уништат по завршувањето на доказната постапка, исто како што е пропишано за материјалите од посебните истражни мерки. Покрај разговорите за политичката елита кои се предмет на кривичен прогон, таму има и приватни разговори и тие може да послужат како предмет на уцени и злоупотреби.

    „Против тоа сум на Катица Јанева автоматски да ѝ биде продолжен мандатот, сметам дека треба да има реизбор. Но, го поддржувам СЈО со доза на автономија што ја има“, вели Калајџиев, за кого редовното обвинителство сѐ уште е болшевистичко и смета оти највисоките негови авторитети и натаму само декларативно ќе зборуваат за реформи, а во реалноста ќе се бават со амнестии.

    Полицијата е многу моќна, треба да се стави под контрола на обвинителството, смета тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари