ДА ГИ ДОНЕСЕМЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ПА ВО ТЕКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ ГИ РЕШАВАМЕ ПРОБЛЕМИТЕ СО СУДСТВОТО И КОРУПЦИЈАТА, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ МАРИЧИЌ

    ДА ГИ ДОНЕСЕМЕ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, ПА ВО ТЕКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ЌЕ ГИ РЕШАВАМЕ ПРОБЛЕМИТЕ СО СУДСТВОТО И КОРУПЦИЈАТА, ВЕЛИ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ МАРИЧИЌНе постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, вели Маричиќ. (Фото: Влада)

    Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека во моментов најважно е да се донесат уставните измени во Собранието за да може земјата да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ, а во текот на преговорите ќе се решаваат проблемите со судството и со борбата против корупцијата, за што Европската комисија во вчерашниот извештај забележа дека нема напредок.

    „Ние ги почнавме преговорите, прашањето е дали ќе ги продолжиме и тоа зависи од уставните измени. Ние недостатоците ги ставаме во листа на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од уставните измени. Во текот на преговорите мораме да работиме на овие теми. Ние никогаш не сме бегале од овие теми, затоа и ја повикавме ЕУ да достави информации за Судскиот совет. Јас сум бил во Брисел многу пати со барање да воспоставиме механизам за ветинг (во судството, н.з.), но за жал не добивме поддршка од ЕУ за тоа. Не постои проблем во овој извештај што не можеме да го решиме во текот на преговорите со ЕУ, но за тоа да го направиме важно е да ја завршиме обврската со уставните измени“, изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир во Владата.

    Европската комисија вчера ги објави редовните годишни извештаи за напредокот на земјите кандидатки за членство во ЕУ. Во извештајот за Македонија, меѓу другото, е наведено дека земјата нема напредок во правосудниот систем во Македонија, ниту во превенцијата и борбата против корупција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира