Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на договорот за името меѓу Македонија и Грција, ќе гласи референдумското прашање, кажа вечерва по завршување на лидерската средба премиерот Зоран Заев.
Референдумот, како што кажа Заев ќе биде консултативен, а волјата на граѓаните ќе биде конечна за сите политички чинители и го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да овозможи да се спроведе референдумот.
Заев рече дека лидерска средба со претстаници на сите политички партии ја свикал за сите заедно да одучат и да се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет на земјава. Напуштањето на средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за Заев е несериозно, неодговорно и навредливо однесување, но и покрај тоа рече дека утре во 12 часот ќе има нова лидерска средба според барањата на Мицковски, оти станува збор за прашање за иднината
„Ако Мицкоски е за ЕУ и НАТО требаше да седи рамо до рамо со сите политички партии и да носи одлуки. Но тој наместо тоа одлучи да избега од лидерската средба и да избега од оваа историско прашање. Што е тоа што е спремен Мицкоски да го каже со помал состав? Но јас сум широк човек и ова прашање е многу важно, дали е за Македонија да биде во НАТО и ЕУ и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за тоа. Затоа за утре закажувам нова лидерска средба во 12 часот, според барањата на Мицкоски“, рече Заев.
Премиерот одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на Пржинска влада пред избори рече дека тој е спремен кога ќе се распишат избори да се повлече од премиерската функција, но формирање на влада со министри од опозицијата не доаѓа предвид оти Пржинскиот договор бил постигнат како услов СДСМ како тогашна опозиција да престане со објавување на бомбите и да ги предаде снимките на Специјалното јавно обвинителство.
Заев рече дека ниту тој ниту Мицкоски немаат право да амнестираат некого во земја во која законите треба да важат за секого.
На лидерската средба до крајот останаа претставниците на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго кои кажеле дека се за членство на Македонија во НАТО и ЕУ, соопшти Заев.
Г. ТРПЕНОСКИ