ДАМОВСКИ, ЈОВАНОВСКИ И БЕТМЕН САМО ДРЖЕЛЕ ГОВОР НА 27 АПРИЛ, А НЕ ГО НАПАДНАЛЕ СОБРАНИЕТО, ВЕЛАТ АДВОКАТИТЕ НА СУДЕЊЕТО

    ДАМОВСКИ, ЈОВАНОВСКИ И БЕТМЕН САМО ДРЖЕЛЕ ГОВОР НА 27 АПРИЛ, А НЕ ГО НАПАДНАЛЕ СОБРАНИЕТО, ВЕЛАТ АДВОКАТИТЕ НА СУДЕЊЕТОАдвокатите на Владо Јовановски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски-Бетмен, лидерите на движењето „За заедничка Македонија“, денеска ги дадоа воведните зборови на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Мојот штитеник припаѓа на уметничката, а не на криминогената фела и наводите на обвинението не кореспондираат со реалната состојба на 27 април, рече во воведните зборови адвокатот на обвинетиот Борис Дамовски, Рубин Двојаков, на третиот ден од судскиот процес за организираниот напад на Собранието во кој се обвинети 33 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста. Судењето денеска продолжи со воведни зборови на адвокатите на обвинетите.

    Адвокатот на Дамовски, кој е еден од лидерите на движењето „За заедничка Македонија“, рече дека е уверен оти неговиот клиент ќе добие ослободителна пресуда бидејќи тој само држел говор пред Собранието.

    „На Обвинителството ќе му треба повеќе среќа отколку стручност во делот на докажување на обвинението за Борис Дамовски. Тој се обвинува за едно дејствие, дека држел говор за неговата земја, за неговата татковина. Она што го претставува обвинението е спротивно на креативниот и творечкиот опис на мојот клиент“, рече адвокатот Двојаков .

    Адвокатот на Богдан Илиевски-Бетмен, Сања Алексиќ, рече дека нејзиниот клиент само ги остварувал правата пропишани со Уставот, додека адвокатот на актерот Владо Јовановски, Ставре Џиков, дека станува збор за политичко обвинение.

    „На Обвинителството му требаа 6 месеци да ги препознае овие терористи и да тргне во политички прогон. Обвинението не е составено во Обвинителството туку во други простории од други личности. Се наоѓаме пред суд и судски совет од друго време”, рече Џиков.

    По ова, судијката Добрила Кацарска го опомена Џиков дека изнесува навреди за судот и ако продолжи ќе биде казнет.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира