ДЕЈСТВИЈАТА НА ПОЕДИНЕЦ НЕ ГО КАРАКТЕРИЗИРААТ ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА СЈО, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА

    ДЕЈСТВИЈАТА НА ПОЕДИНЕЦ НЕ ГО КАРАКТЕРИЗИРААТ ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА СЈО, КАЖА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКАОбвинителката Ленче Ристоска вели дека предметите на СЈО кои се во фаза на судска постапка не се доведени во прашање, а не е доведена во прашање ниту истрагата „Империја“. (Фото: К. Попов)

    Обвинителката од СЈО Ленче Ристоска вели дека дејствијата на поединци не ги карактеризираат дејствувањата на целата институција, бидејќи СЈО е институција во која работат обвинители и истражители со висок интегритет. Ристоска даде изјава денеска во СЈО во врска со истрагата на Обвинителството за организиран криминал во која беа уапсени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, а на специјалната обвинителка Катица Јанева ѝ беше одземен телефонот за да се види нејзината комуникација со осомничените. Таа кажа и дека предметите кои се во фаза на судска постапка не се доведени во прашање, а не е доведена во прашање ниту истрагата „Империја“. За Катица Јанева рече дека според официјалните информации таа не е инволвирана во истрагата на Обвинителството за организиран криминал и апелираше да се почитува начелото на пресумпција на невиност.

    „Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или оваа институција не смеат да го доведат во прашање интегритетот на постапките. Во иднина очекувам да имаме осудителни пресуди за судските постапки кои ги имаме. Дејствијата на поединци не ги карактеризираат дејствувањата на целата институција. СЈО е институција во која работат обвинители и истражители со висок интегритет. Нема инволвираност на Катица Јанева во истрагата според официјалните информации од обвинителката Вилма Рускоска. И во наш интерес е ова да се расчисти“, кажа Ристоска, додека зад нејзе стоеја обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска, Трајче Пеливанов, Љубомир Лапе и Гаврил Бубевски, а рече дека зборува и во име на обвинителите кои се на одмор, како Бурим Рустеми, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

    За „Империја“, истрага во која осомничен фигурира како сведок во истрагата на Обвинителството за организиран криминал, Ристоска рече дека основ за запирање на истрагата не е тоа што се води друга постапка.

    „Секоја постапка е засебна и истрагата треба да продолжи. Дали сведокот ќе се гони или не, зависи од резултатите од истрагата. Ако сомненијата се потврдат и имаме доволно докази, секако дека следи обвинение за сведокот. Сето тоа зависи од понатамошниот тек на истрагата. Истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал нема влијание врз актуелната истрага, се работи за различен тип на кривични дела кои се предмет на истрага“, кажа Ристоска.

    Таа рече дека денеска нема стапено во контакт со Катица Јанева, а оставката им била соопштена во исто време кога беше објавена на сајтот на СЈО.

    Обвинителката Лиле Стефанова, која ја води „Империја“, рече дека не стравува дека може да биде инволвирана во истрагата на Обвинителството за организиран криминал.

    „Јас немам потпишано ниту една одлука, ниту мислењата за пуштање од притвор, ниту одлуката за враќање на патните исправи. Сите одлуки ги носи и потпишува Катица Јанева, така гласи законот. Не стравувам, нема зошто да бидам инволвирана во истрагата“, кажа Стефанова.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира