Со транспарентот „Декриминализација, кога?“, сексуалните работници во земјава денеска на улицата Македонија во Скопје го почнааа традиционалнниот 14. Марш на црвените чадори, во чест на 17 Декември, Меѓународен ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
Маршот го организира Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“.
„Денес сме тука да ги прашаме носителите и спроведувачите на законите, декриминализација, кога?, бидејќи не можеме да пристапиме до здравство, социјала и правни услуги. Свесни сме за тешкиот период за сите нас предизвикан од ковид-19, но државата мора да мисли и на најранливите категории граѓани. Бараме итна и неодложна декриминализација, оти меѓудругото, го ограничува полициското насилство и го подобрува пристапот до здравството“, рече претставничка на секусуалните работнички.
Драгана Дрндаревска, правен застапник во Коалцијата Маргини, на одбележувањето на 2 Јуни, Меѓународниот ден на сексуалните работници, кажа дека сексуалната работа во земјава мора да се декриминализира и со таков модел ќе се овозможи почитување на човековите права. Според податоците на ХОПС-Опции за здрав живот, во земјава има околу 200 сексуални работници но, како што вели Дрнадревска, бројката варира и токму затоа е потребна декриминализација.
„Декриминализацијата не значи дека сексуалната работа нема да биде регулирана, туку таа ќе се регулира од здравствените власти, институциите од областа на работничките права и социјалната заштита, а од друга страна, ќе се минимализира влијанието на полицијата во регулацијата на сексуалната работа. Со сегашниот модел, сексуалните работници се криминализирани преку практиката на полицијата, тие се третирани како криминалци и сите активности на полицијата се одвиваат на грбот на сексуалните работници, што ни зборува за еден двоен стандард. Впрочем, станува збор за цела секс индустрија во која не се вклучени само сексуалните работници, туку имаме клиенти, менаџери, управители со објекти и секако, за жал, имаме и посредници. Сексуалните работници се криминализирани, спектакуларно апсени, чии права многу често се повредуваат од страна на полицијата. Додека сите останати многу поретко се казнуваат и поминуваат само со парични казни кои се од доменот на пазарното работење“, кажа Дрндаревска во јуни.
Б. НЕСТОРОСКА