ДЕНЕС И УТРЕ СЕ ЗАПИШУВААТ ПРИМЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВО СРЕДНО ШКОЛО, ЌЕ ИМА ПРИЕМНИ ИСПИТИ ТАМУ КАДЕ ЌЕ СЕ ПРИЈАВАТ ПОВЕЌЕ

    ДЕНЕС И УТРЕ СЕ ЗАПИШУВААТ ПРИМЕНИТЕ УЧЕНИЦИ ВО СРЕДНО ШКОЛО, ЌЕ ИМА ПРИЕМНИ ИСПИТИ ТАМУ КАДЕ ЌЕ СЕ ПРИЈАВАТ ПОВЕЌЕДоставувањето на потребната документација до училиштата денес е од 12 до 19 часот, а утре е од 7 до 19 часот, согласно распоредот на школото. (Фото: К. Попов)

    Денес и утре учениците кои се примени во средните училишта ги поднесуваат потребните документи, согласно распоредот на секое школо посебно. Доставувањето на потребната документација до училиштата денес е од 12 до 19 часот, а утре е од 7 до 19 часот, согласно распоредот на школото.

    На пример, скопската Гимназија „Орце Николов“ денеска почнува со упис од 12 часот, по азбучен ред, исто како и Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“.

    Уписот и годинава беше електронски, а учениците ги пополнуваа своите пријави (апликации) заклучно со 21 јуни. Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта.

    Министерството за образование и наука на 31 март соопшти дека ќе има приемни испити во оние средни училишта каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број. Тестирањето ќе биде по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по наставните предмети: за гимназиско образование – мајчин јазик и математика, за здравствена струка – биологија и хемија и за другите струки – мајчин јазик и математика.

    Од денешноте уписи во Средното медицинско „Панче Караѓозов“. (Фото: К. Попов)

    Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера разговараше со ученици од деветто одделение со кои заеднички ја разгледуваа електронската апликација преку која учениците ги поднесуват документите.

    „Учениците во непосреден разговор ме информираа дека дел од нивните соученици се соочувале со проблеми при електронското аплицирање. Заедно ги пополнивме апликациите и самите се уверија дека постапката за запишување во средно училиште воопшто не е проблематична, туку е едноставна и лесна“, изјави министерот по вчерашната средба со полуматурантите.

    Во учебната 2023/24 година се обезбедени 29.798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20.608 слободни места, за настава на албански јазик 8.301 и 889 места за настава на турски јазик. Во учебната 2023/24 година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6.475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира