ДЕНЕСКА СЛИКИТЕ ОД БАЛКАНОТ СЕ ОД НАСМЕАНИ ПРИЈАТЕЛИ, КАЖАА КОВАЧЕВСКИ, ВУЧИЌ И РАМА НА ЗАЕДНИЧКИОТ САЕМ НА ВИНО ВО БЕЛГРАД

    ДЕНЕСКА СЛИКИТЕ ОД БАЛКАНОТ СЕ ОД НАСМЕАНИ ПРИЈАТЕЛИ, КАЖАА КОВАЧЕВСКИ, ВУЧИЌ И РАМА НА ЗАЕДНИЧКИОТ САЕМ НА ВИНО ВО БЕЛГРАДПрвиот заедники Саем за вино, храна и туризам во Белград го отворија премиерите на Македонија, Србија и Албанија. (Фото: СДК.МК)

    (Специјално од Белград: Ана Антевска)

    Македонија, Србија и Албанија за првпат имаат заеднички саем на вино, кој од денеска до сабота ќе се одржува на Саемот во Белград. Саемот се одржува во рамките на иницијативата Отворен Балкан и, како што кажаа лидерите на трите земји Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама, уште еднаш се покажува колку е таа важна за граѓаните и економиите на Македонија, Албанија и Србија.

    Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на саемот кажа дека со Отворен Балкан од овие простори се испраќа слика за насмеани лица и пријателства, за разлика од минатото кога вестите за Балканот беа од војни и страдања.

    „Денеска гледаме во пракса како функционира Отворен Балкан и како носи придобивки и раст на економијата. Во 1992-93 бев на студиски престој во САД и сликите кои светот ги гледаше од Балканот беа војни и страдање. Денеска од туку ќе видат насмеани лица и пријатели кои сакаат да направат многу повеќе за нивните земји. Како премиер ќе се залагам за симнување на границите меѓу нашите земји“, кажа Ковачевски.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека и со овој проект во рамките на Отворен Балкан се покажува намерата да се тргнат бариерите од минатото.

    „Оваа наша идеја имаше противници, но не можете да победите нешто што е добро и природно. Отворен Балкан на никого не донел ништо лошо и затоа со Димитар и Еди ќе работиме уште повеќе за нови и позначајни проекти“, рече Вучиќ.

    На Саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји. (Фото: СДК.МК)

    На Саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.

    Вкупно 42 винарии и 3 дестилерии од нашата држава пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. Овој дел од претставувањето го реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Во рамки на саемот „Винската визија на Отворен Балкан” ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022.

    На Саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот”, Македонија ќе се претстави со повеќе од десет производители на храна кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.

    Македонската туристичка понуда на Саемот ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира