Уште десет македонски државјани повредени во сообраќајната несреќа на 16 декември, кога во близина на Лесковац се преврте автобус, се на лекување во српските болници, откако ноќва почина една од двете жени кои беа на машини за дишење во болницата во Ниш. Таа е четврта жртва од сообраќајната несреќа, бидејќи од вкупно 35 лица во автобусот тројца веднаш починаа.
Од Министерството за здравство велат дека според информациите од Клиничката болница во Ниш македонската државјанка С.Т. починала утрово околу 3.30 часот, откако ѝ се влошила состојбата.
„Лекарите од Ниш велат дека неколку пати се обиделе да ја реанимираат, но дека потоа починала. Го известиле семејството на почината“, велaт од Министерството за здравство.
Во моментов во болницата во Ниш има уште една патничка на апарати за дишење и уште пет други кои самостојно дишат. Од Министерството за здравство велат дека во моментов сите пациенти се во стабилна состојба, но сè уште не се во состојба за да бидат вратени во Македонија.
„Веднаш по несреќата 8 патници со полесни повреди беа хоспитализирани во Лесковац, а 6 во болницата во Ниш. Пред два дена за 3 од повредените патници кои беа во болницата во Лесковац организиравме превоз и ги префрливме на Клиниката за ортопедија, еден пациент од болницата во Лесковац е префрлен во Ниш, бидејќи му треба дополнителна операција. Во моментот во Лесковац на лекување остануваат 4 пациенти, а во Ниш 6“, велат од Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА