По критиките на преговарачот од ВМРО-ДПМНЕ за СЈО Тони Менкиноски во САКАМДАКАЖАМ.МК дека министерката за правда Рената Дескоска не го бара за средба веќе една недела, таа денеска му се јавила да се сретнат. Но, според информацијата од Министерството за правда, Менкиноски побарал одлагање на средбата.
„Господинот Менкиноски беше повикан на средба денеска, но одговорот е дека сѐ уште немаат изградено ставови во ВМРО-ДПМНЕ за одредени прашања и побара одложување на средбата, по градењето на ставовите“, одговори министерката Рената Дескоска за САКАМДАКАЖАМ.МК, по разочарувањето на Менкиноски дека му ветила оти ќе му се јави да разговараат за 65-те амандмани што ги поднесе за СЈО и за Обвинителството, а повеќе од една недела не му заѕвонила на телефон.
Токму Дескоска тврдеше дека е оставен е простор ВМРО-ДПМНЕ да си направи консултации заради преиспитување на одредени нивни барања, а Менкиноски за СААКАМДАКАЖАМ.МК рече нема што да се консултираат, треба да зборуваат за амандманите, за денеска самиот да побара уште време за партиски консултации.
Отстапување од Дескоска нема за амандманите за згаснувањето на СЈО откако ќе се завршат судските процеси за 20-тината обвиненија, или за негово претопување во иднина како одделение во ОЈО за организиран криминал. Нема отстапка и пред амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за прекин на истрагите по 30 јуни 2017 и за алтернативниот амандман од ВМРО-ДПМНЕ идното СЈО да нема автономија и да стане и тоа зависно од премиерите, министрите за финансии и од Државниот обвинител. Но, неофицијално, на Менкиноски викендот му бил пратен законски текст со вграден дел од амандманите кои не ги загрозуваат постапките и статусот на СЈО, а кои се однесуваат на одредби од Етичкиот кодекс за сите обвинители, па и тие на СЈО.
Забраната за врзување на рацете на идното СЈО кое треба да истражува и гони највисока корупција во врвот на оваа и идните власти, е забрането од Европската и Венециската комисија, но и од помагачите за фер и независно судство и обвинителство САД, Холандија и други демократски држави. Забраната може да не се испочитува, но препорака за преговори со ЕУ никогаш Република Северна Македонија нема да добие, а Холандија и други држави покрај ова, нема да го ратификуваат нашето членство во НАТО.
С. К. ДЕЛЕВСКА