ДЕЦАТА КОИ СЕ СЛУЖАТ СО НАСИЛСТВО И САМИТЕ СЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО, ВЕЛИ БЕНЏАМИН ПЕРКС ОД УНИЦЕФ

    ДЕЦАТА КОИ СЕ СЛУЖАТ СО НАСИЛСТВО И САМИТЕ СЕ ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО, ВЕЛИ БЕНЏАМИН ПЕРКС ОД УНИЦЕФ„Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи, физичко казнување или психолошка агресија“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија (Фото: УНИЦЕФ)

    УНИЦЕФ е загрижен поради насилството врз и меѓу децата во Македонија. Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ во земјава, по последниот инцидент во ОУ„Гоце Делчев“ во Неготино во кои ученички натепаа соученичка, вели дека тоа е неспорен доказ дека повторно треба да се разгледа начиниот на кој образовниот систем и целата заедница постапуваат во однос на насилното однесување.

    „Насилството во училиштата е првенствено одраз на тоа што се случува дома, но и на тоа што се случува во целата заедница. Седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години во земјата се дисциплинирани дома со насилни методи, физичко казнување или психолошка агресија. Децата кои имаат доживеано постојано малтретирање или други форми на насилство на училиште е многу поверојатно да бидат насилни дома, но и да страдаат од долгорочни психолошки последици. Малтретирањето често е повик за помош. Децата кои се служат со насилство често и самите се жртви на насилство“, вели Перкс.

    За да се стави крај на насилството во училиштата, според Перкс потребно е да се создаде опкружување кое не толерира насилство.

    Тој објаснува дека безбедна училишна средина е онаа во која има позитивни односи и каде сите членови на училишната заедница се чувствуваат почитувано, безбедно и сигурно.

    „Од податоците од други европски земји постојат сознанија дека кога на насилството во училиштата се одговара со зголемена контрола и санкции има мали шанси проблемот да се реши на долг рок. За да се постигне безбедна училишна средина треба да се јакнат капацитетите на наставниците за спречување насилно однесување. Наставниците кои применуваат превенција и поддршка наспроти контрола и казнување им помагаат на учениците да развиваат комуникациски и емоционални вештини, градење самодоверба и капацитет за емпатија“, вели Перкс.

    Според него земјата треба да воспостави механизми за интервенција во случаите на насилство за да се спречи негова повторна појава.

    „Безбедните училишта не се случуваат сами по себе, туку се создаваат и одржуваат од луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни односи и опкружување со почит. Тие луѓе ја претставуваат целата заедница во училиштето, децата, наставниците, училишниот кадар, родителите и пошироката заедница”, вели Перкс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира