ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА НЕМААТ ОСНОВНО НИВО НА ПИСМЕНОСТ И ВЛЕГУВААТ ВО СУДИР СО СИСТЕМОТ, ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО МОРА ИТНО ДА ДОНЕСАТ 4 ЗАКОНИ, АПЕЛИРА УНИЦЕФ

    ДЕЦАТА ВО МАКЕДОНИЈА НЕМААТ ОСНОВНО НИВО НА ПИСМЕНОСТ И ВЛЕГУВААТ ВО СУДИР СО СИСТЕМОТ, ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО МОРА ИТНО ДА ДОНЕСАТ 4 ЗАКОНИ, АПЕЛИРА УНИЦЕФТри четвртини од сите деца на возраст од 15 години не успеаваат да постигнат основното ниво на писменост во областа читање, а двајца од тројца ученици постигнуваат слаби резултати по предметите математика и природни науки. (Фото: К. Попов)

    Четири закони клучни за децата во Македонија се закочени во Владата и Собранието, а децата повеќе не можат да чекаат донесување на закони, апелираше денеска претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани. Таа појаснува дека станува збор за Предлог-законот за правда за децата кој беше утврден од Владата и треба веднаш да се донесе од Собранието, измените на Законот за основно образование кои се во собраниска постапка повеќе од седум месеци и досега се поминати само на првото читање, Предлог-законот за средно образование и Предлог-законот за стручно образование и обука треба да бидат утврдени од Владата.

    ДиЏовани вели дека во текот на овие 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите наци, правата на децата се немаат променето, но детството е тоа што се промени.

    „Утврдувањето на Предлог-законот за правда за децата од страна на Владата е за поздравување, но УНИЦЕФ го повикува Собранието веднаш и без одлагање да го донесе овој закон откако ќе влезе во собраниска постапка. Пред да добие зелено светло од Владата, овој закон беше подготвуван повеќе од четири години. Со него се воведува нова мерка која обезбедува најдобриот интерес на детето да биде земен предвид при секое носење одлуки што се однесуваат на децата во судир со законот, како и децата-жртви и сведоци во судски постапки. Се воведуваат и нови мерки за поддршка на децата во судир со законот со кои им се овозможува да ја поправат штетата што ја предизвикале, им се помага да ги разберат последиците од тоа што го сториле и им се обезбедуваат можности за реинтеграција во заедницата. Предлог-законот е усогласен со директивите на ЕУ за процесно-правна заштита на децата кои се осомничени или обвинети во кривична постапка, како и со минималните стандарди за правата, поддршката и заштитата на децата-жртви на криминал“, вели претставничката на УНИЦЕФ.

    ДиЏовани го повикува Собранието да го забрза усвојувањето на измените на Законот за основното образование. УНИЦЕФ  е загрижен  што и по седум месеци од доставувањето на овие измени до Собранието, истите сѐ уште се наоѓаат во собраниска постапка.

    „Иако и сегашниот закон дава добра основа за подобрување на квалитетот на образованието и за инклузивно образование, овие измени се од суштинска важност за обезбедување долгорочно решение за децата во казнено-поправни и воспитно-поправните установи кои и натаму остануваат лишени од нивното право на образование. Оваа негативна состојба постојано ја истакнуваат УНИЦЕФ, Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Европската Унија во нивните извештаи“, додава таа.

    Владата, потенцира ДиЏовани треба да преземе итни активности за одобрување и последователно доставување до Собранието на Предлог-законот за средно образование и Предлог-законот за стручно образование и обука. Според неа, овие два закона се од суштинска важност за обезбедување премин од основно во средно образование на децата од ранливите групи, како што се децата со попреченост, децата во воспитно-поправните установи, децата-мигранти и децата-бегалци. Меѓудругото, овие закони овозможуваат справување со дискриминацијата и ја истакнуваат важноста на менталното здравје и на факторите на животната средина во средното образование. Исто така, воведувањето на регионалните центри за стручно образование во законот за стручно образование и обука претставува дополнителен чекор во усогласување на вештините што децата ќе ги стекнат на училиште со потребите на пазарот на трудот.

    „Одолговлекувањето само ќе ги влоши актуелните состојби во повеќе сектори. Во образованието гледаме состојба каде три четвртини од сите деца на возраст од 15 години не успеаваат да постигнат основното ниво на писменост во областа читање, а двајца од тројца ученици постигнуваат слаби резултати по предметите математика и природни науки. Сѐ повеќе деца влегуваат во судир со правосудниот систем“, апелира ДиЏовани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира