Девет од повредените во несреќата во која излета автобус од автопатот Скопје-Тетово и се преврте на стариот пат во близина на село Ласкарци се во критична состојба и се лекуваат на интензивна нега во Клиничкиот центар во Скопје и во Градската општа болница „8 Септември“. Според информациите од Министерството за здравство, во Градската општа болница „8 Септември“ се лекуваат 19 повредени, од нив 14 се стабилни.
Утрово на КАРИЛ почина еден од повредените, со што бројката на починати во несреќата се искачи на 15.
„На одделот за интензивна нега се лекуваат пет пациенти. Двајца од повредените се на респираторна машина и се во животозагрозувачка состојба. Тројца од повредените се нестабилни, во тешка здравствена состојба под опсервација и мониторинг“, велат од Министерството за здравство.
На скопските клиники се лекуваат седум од повредените, од кои 4 се на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ.
„Двајца од повредените кои се на КАРИЛ се во стабилна здравствена состојба, а другите двајца се во критична состојба. Еден од повредените се наоѓа на Клиниката за торакално-васкуларна хирургија и е во стабилна здравствена состојба, еден е на Клиниката за неврохирургија, а бремената жена, која се наоѓа на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, е исто така во стабилна здравствена состојба. Во стабилна и во добра здравствената состојба е и пациентот кој се наоѓа во Клиничката болница во Тетово“, велат од Министерството за здравство.
Во несреќата на самото место загинаа 7-мина, пет починаа во „8 Септември“, еден во старата Градска болница, а еден патник почина во Ургентниот центар на Скопските клиники, уште вечерта на 13 февруари, кога околу 17 часот се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ на излез од Скопје кон Тетово.
Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) уште работат на утврдување на причините за несреќата на автобусот кој возел на линијата Скопје-Гостивар. Според увидот, автобусот преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излетал од автопатот и се превртел во близина на стариот пат, а ОЈО кажа дека автобусот бил набавен во 2001 и последен пат бил регистриран во јануари 2019.
Е. БОЧВАРОСКА