ЏАФЕРИ ВЕЛИ ДЕКА ПРОТЕСТИТЕ НА ПЕТТЕ ДРЖАВНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ СЕ ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНИ

    ЏАФЕРИ ВЕЛИ ДЕКА ПРОТЕСТИТЕ НА ПЕТТЕ ДРЖАВНИ УНИВЕРЗИТЕТИ ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ СЕ ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНИКолективните договори ќе се потпишат кога ќе завршат изборите;- Од протестот на Битолскиот универзитет кој беше по посетата на Џафери. (Фото: СДК.МК)

    Протестите на петте државни универзитети се поради дневно-политички цели, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери. На 4 март, професорите, асистентите и вработените на универзитетите Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје излегоа на мирни протести зашто не им се потпишани колективните договори, со што останаа покуси во платите за 22 проценти за разлика од колегите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде веќе е спроведен ваквиот договор.

    Џафери вели дека со овие универзитети немало време да се потпишат договорите и тие да добијат повисоки плати бидејќи се распишале изборите.

    „На закажани избори не се потпишуваат колективни договори и овие протести имаат политичка позадина. Решението е да се чека да се завршат изборите. Оваа процедура ја води Собранието, а тоа не е политичка партија, ниту е личност. Собранието е државна институција и тоа највисок орган. Во кој било формат после изборите продолжува процедурата започната по однос на барањата. Кој и да е претседател на Собранието и кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот после избори физички нема време тоа да го прави“, рече Џафери на прес-конференцијата во Владата.

    Вели дека овие универзитети не биле дискриминирани туку немале формирано навремено синдикати и затоа со нив не се стигнало да се потпише колективниот договор.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира