Министерот за надворешни работи Никола Димитров и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција Сиа Анагностопулу, денеска потпишаа спогодба за отворање на граничиот премин Маркова нога. Ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.
„Имаме еден историски договор после историскиот успех со Договорот од Преспа. Задоволство ми е што овој договор за отворање на граничниот премин го потпишавме на три јазици, македонски, грчки и англиски јазик“, рече министерот Димитров.
Алтернативната министерка за надворешни работи на Грција Сиа Анагностопулу рече дека со овој историски договор ќе се продлабочи соработката меѓу двете земји.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Договорот од Преспа со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција и ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес.