ДНЕВНО ВО ПРОСЕК РЕЧИСИ ТРЕТИНА ОД ПОЧИНАТИТЕ ОД КОВИД СЕ ВАКЦИНИРАНИ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ПОРАСТ НА ПОЧИНАТИ ИМУНИЗИРАНИ

    ДНЕВНО ВО ПРОСЕК РЕЧИСИ ТРЕТИНА ОД ПОЧИНАТИТЕ ОД КОВИД СЕ ВАКЦИНИРАНИ, НАДЛЕЖНИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ПОРАСТ НА ПОЧИНАТИ ИМУНИЗИРАНИПроцентот на починати, а вакцинирани лица останува 29,7 отсто, велат здравствените власти. (Фото: СДК.МК)

    Во изминатите шест дена, поточно од 21 до 26 јануари, според дневниот биланс од Министерството за здравство, имало денови кога безмалку половина или една третина од починатите со коронавирус биле вакцинирани. Стручните лица велат дека ова не е нов тренд со појавата на омикронот, туку дека процентот на починати, а вакцинирани лица останува 29,7 отсто.

    „Ако се анализираат податоците на неделно ниво од последните шест недели, не се забележува пораст на бројот на починати вакцинирани лица, односно во просек 29,7% од починатите се вакцинирани (25-33%)“, соопштија од Институтот за јавно здравје.

    Од 21 до 26 јанаури, исклучок е само 23 јанари кога од 20 умрени од ковид-19 само тројца биле целосно вакцинирани. Останатите денови или безмалку половина или една третина од лицата што ја загубиле битката со болеста биле целосно вакцинирани. На 22 јануари од 21 починато лице од ковид-19, дури 10 биле целосно вакцинирани. На 24 јануари од 22, 9 биле вакцинирани, на 25 и 26 јануари една третина, односно од 26 починати, осуммина вакцинирани, вчера од 19 починати шест се вакцинирани. Според информациите во дневнитре извештаи на Министерството, речиси над 95 отсто од починатите биле со коморбидитети, а такви имало и меѓу вакцинираните.

    Од Министерството за здравство посочија дека тенденцијата за зголемување на бројот на починати со компликации од ковид-19 е очекувана, согласно состојбата со зголемениот број на заболени.

    Пред два дена беше регистриран и највисок број пријавени позитивни на дневно ниво досега, 2.341 заразен од 6.193 тестови или 37,8% од тестираните.

    Од почетокот на паднемијата во земјава досега починаа 8.285, а во моментов се активни 21.883 болни.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира