ДО ИЗБОРИ ИМА ВРЕМЕ СЕКОЈ ДА ИЗВАДИ НОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ДА МОЖЕ ДА ГЛАСА, РЕЧЕ ЏАФЕРИ

    ДО ИЗБОРИ ИМА ВРЕМЕ СЕКОЈ ДА ИЗВАДИ НОВИ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ДА МОЖЕ ДА ГЛАСА, РЕЧЕ ЏАФЕРИДИК предложи граѓаните да можат да гласаат и со пасоши со старото уставно име чија важност сè уште не е истечена. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека граѓаните имаат време да извадат нови лични документи за да гласаат на претседателските и парламентарните избори. Џафери кажа дека оние чии лични карти се истечени имаат време да закажат термин и да им бидат издадени нови документи иако граѓаните кои деновиве се јавиле да закажат добиваат термин за во октомври.

    „Според податоците кои ги добив од Министерството за внатрешни работи, од 1 до 29 февруари за пасоши се поднесени се 123.983 барања, а издадени се 95.267. За лични карти се поднесени 82.235 барања, а издадени 71. 410. Имајќи во предвид дека има уште 50 дена до изборите, со оваа динамика бројката што се врти од 100.000 граѓани кои немаат документ, до месец март можат да се опремат со сите документи. Ако дојдеме во ситуација одредени граѓани да немаат докумнет, тогаш на Владата е обврска да донесеме одлука што и како да постапиме. Но, граѓаните треба да иницираат постапка за да извадат документи“, рече Џафери одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата за протестите на петте универзитети за Колективниот договор.

    Државната изборна комисија (ДИК) предложи во Изборниот законик да се воведе преодна одредба со која граѓаните на изборите ќе можат да гласаат со пасоши со старото уставно име чија важност сè уште не е истечена.

    Првиот круг на претседателски избори ќе се одржат на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори на 8 мај.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира