На земјиште меѓу Карбинци, Радовиш и Штип ќе гради парк на ветерници за производство на струја, најавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и генералниот директор на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон на презентацијата на проектот во Скопје. Како што рекоа, оваа инвестиција е вредна 500 милиони долари и со неа ќе се зајакне енергетската независност на земјата. Ќе бидат изградени 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават електрична енергија или 20 проценти од потребите на земјава.
„Потребно е да се завршат некои подготвителни работи и во втората половина на 2025 година ќе почне изграбата на ветерниците. Очекуваме струја да почне да се произведува во 2027 година. Овој парк ќе биде најголем во Западен Балкан и ќе се вработат 630 лица за неговата изградба“, кажа Калдерон на презентацијата на проектот.
Тој не сподели детали околу сопственоста на земјиштето на кое ќе се градат ветерниците и колку ќе се плаќа за користењето.
Премиерот Мицкоски рече дека новата владата својот мандат го почнува со инвестиција вредна 500 милиони долари и дека приоритет ќе биде енергетска независност на земјата.
„Овие ветерници ќе произведуваат двојно повеќе струја од тоа што сега го добиваме од ТЕ-ТО. Целта на оваа Влада е од земја увозник да станеме земја извозник на струја“, рече Мицкоски.
„Алказар енерџи“ е одржлив инфраструктурен фонд со седиште во Луксембург и фокусиран на проекти за обновливи извори на енергија во обем на комунални услуги на пазарите во развој, со советодавен тим со седиште во Дубаи.
А. АНТЕВСКА