Со договорот за добрососедство со Бугарија не се загрозени националните интереси на Македонија, рече премиерот Зоран Заев после седницата на Комисијата за надворешна политика во Собранието.
„Со договорот се признаваат два народи, две држави и два јазика. Не се загрозуваат националните интереси на Македонија”, изјави Заев.
Премиерот рече дека на консултацијата со политичките партии во Комисијата за надворешна политика, ги добил сите совети и сугестии од разни аспекти за договорот со Бугарија.
Договорот според Заев, ќе ја зголеми соработката меѓу двете земји, ќе се реновираат граничните премини и ќе се отвори нов кај Берово. Се договориле двете земји заедно да се борат против пропагандата и говорот на омраза.
ВМРО-ДПМНЕ има пет забелешки на нацрт-договорот за добрососедство со Бугарија, рече пратеникот Антонијо Милошоски.
„Дадовме сериозни забелешки, ќе ги набројам петте забелешки: Дали во договорот ќе биде спомнат македонскиот народ? Декларацијата од 1999 е необврзувачка, а склучување договор е обврзувачки. Дали македонскиот јазик во договорот ќе биде спомнат само како уставен јазик, или јазик кој ќе има своја посебност? Дали ќе се склучи билателарен договор со кој ќе стои обврска за грижа за македонското малцинство? За заедничката историја ставивме забелешки, да биде посебно за Македонија, позебно за Бугарија оти е преопшт проблем. Во договорот има асиметрични права и обврски на двете страни. Многу права за Бугарија, а многу обврски за Македонија”, рече Милошоски.
Тој рече дека премиерот Заев им кажал оти има простор за унапредување на договорот.
„Ако ги вградите овие пет забелешки, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи договорот”, рече Милошоски и додаде дека „не треба да се брза само за собирање поени, туки треба да се направи квалитетен договор“.
Г. ТРПЕНОСКИ