Во моментов нема ниту еден поголем и потежок пожар низ земјава, информираа од Центарот за управување со кризи. Откако попладнево заврна дожд во повеќе делови од земјава, огнот е изгаснат.
„Сите тешки пожари со помош на дождот се доизгаснати. Активни се неколку помали пожари со кои ќе се справиме во текот на утрешниот ден“, рече директорот на Центарот за управување со криза Стојанче Ангелов.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи дожд се очекува и во наредните три дена и намалување на температурите.
Во текот на август, заклучно со денешниот ден, на територијата на државата имало 667 пожари на отворен простор, од кои 98 шумски пожари и повеќето од нив тешки за гаснење.