Двајца членови на последниот состав на Антикорупциската комисија се под истрага за злоупотребите со патните трошоци, кои ги откри САКАМДАКАЖАМ.МК на 28 февруари лани, рече шефот на скопското Основно обвинителство Сашо Рајчев во интервју за телевизијата Телма. Рајчев кажа дека во предметот, кој го отворија во март 2018 по допрен глас, во моментов се осомничени две лица на кои им се испратени покани да дадат исказ во Обвинителствотото.
„На почетокот Обвинителството го прибави финансискиот извештај, од кој беа утврдени одредени неправилности за користење на патни трошоци од членови на Државната комисија за спречување на корупција. Беше проучен тој извештај и се јави потреба да се продолжи со проверки, да се обезбеди целокупната документација која се однесува на евентуалните незаконски исплати на патните трошоци. Од резултатите на досегашните истражни дејствија излезе потреба од обезбедување на вербални докази. Во моментот имаме две осомничени лица по тој предмет, членови на Антикорупциската комисија и тие се повикани да дадат исказ. Поканите се веќе испратени“, рече Рајчев.
На 28 февруари лани САКАМДАКАЖАМ.МК ја откри аферата со злоупотребите кои ги правеле членовите на Антикорупциската комисија, по што тие си поднесоа оставки. Ревизорскиот извештај во кој се наведени неправилностите се однесува на составот на Комисијата со претседател Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои беа на функција од април 2015.
Според ревизорскиот извештај во 2016, на членови на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози, некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку само на седници и биле поднесувале три патни налози за ист ден. Како ненаменско трошење на буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.
А. АНТЕВСКА