ЕДНА ГОДИНА ПО 27 АПРИЛ, СЕ ЗНАЕ ДЕКА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО БИЛ ОРГАНИЗИРАН, НО НЕ СЕ ЗНААТ ОРГАНИЗАТОРИТЕ

    ЕДНА ГОДИНА ПО 27 АПРИЛ, СЕ ЗНАЕ ДЕКА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО БИЛ ОРГАНИЗИРАН, НО НЕ СЕ ЗНААТ ОРГАНИЗАТОРИТЕДемонстрантите во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со шипки и столици удираа по пратениците и новинарите. Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески и Дамјан Манчевски имаа видливи повреди на главата. Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници (Фото: Г. Трпеноски)

    Советот за оцена на обвинителниот акт при Основниот суд Скопје 1, и по еден месец откако Републичкиот јавен  обвинител Љубомир Јовески подигна обвинение за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, сè уште се нема изнесено дали ќе го прифати обвинителниот акт.

    Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 27 март поднесе обвинителен акт против 28 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело во врска со нападот во Собранието на 27 април, 2017. Осомничени за организираниот напад на Собранието се четиримина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и пратеникот на Социјалистичката партија Љупчо Димовски.

    Тројцата водачи на „За заедничка Македонија“, Дурловски, Дамовски и Илиевски,  беа во притвор, сега се пуштени на слобода. Обвинети се дека биле дел од организаторите и водачи на нападот во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Покрај пратениците, осомничени се и Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност и раководителот на Оперативниот штаб на МВР за време на организираниот напад на Собранието на 27 април, организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски, и десетина припадници на МВР.

    Според обвинителниот акт, еден од обвинетите на 27 април преку телефонски повик во 14.30 часот бил известен да ја започне акцијата, по што заедно со уште неколкумина други го организирале членството за насилен напад во Собранието.

    Тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 27 април беше во Виена на партиска средба со тогашниот генерален секретар на Австриската народна партија Вернер Амон. Неговиот телохранител на 27 април му се јавил од Виена на брат му, обвинетиот Александар Василевски Нинџа, да го извести да ја започне акцијата во Собранието. Груевски изјави кажа дека неговиот телохранител се јавил на 27 април од Виена за семејни разговори со сопругата и братот.

    Организираниот нападот врз Собранието на 27 април 2017 беше кулминацијата на двегодишната политичка криза, која заврши на 31 мај лани со формирање на влада составена од СДСМ, ДУИ, и Алијансата за Албанците, предводена од лидерот на СДСМ Зоран Заев.

    Еве ја хронологијата и изјавите на поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски што предходеа на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

    На 16 декември, 2016, по парламентарните избори на 11 декември 2016, на средбите со амбасадорите на ЕУ и на САД Самуел Жбогар и Џес Бејли, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски им рекол дека не може да им одговори дали ќе ги смири страстите на неговите приврзаници кои протестираа пред Државната изборна комисија, соопшти партијата. „ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека подржува мирни демонстрации и не поддржува говор на омраза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите“. Жбогар изјавил дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, „на што беше одговорено дека не може да се предвиди што ќе се случи, бидејки има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот.

    Некролозите за амбасадорите по говорот на Никола Груевски на 17 декември пред ДИК

    На 17 декември, 2016 Никола Груевски го прочита Прогласот на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Државната изборна комисија додека траеше разгледувањето на приговорите по парламентарните избори од 11 декември, ја обвини ДИК и неколку амбасадори за мешање во изборите: „Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема да дозволиме да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните на РМ. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана волја на граѓаните“.
    На 18 декември, 2016 се појавија некролози на сегашни и поранешни претставници на меѓународната дипломатска заедница во Скопје.
    На 26 февруари, 2017, кога Зоран Заев изјави дека со 67 пратенички потписи следниот ден ќе оди кај Иванов да побара мандат за влада, Никола Груевски на интервју на Сител рече: „Сакам да им порачам на сите граѓани дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија дека некој друг ќе им ја одбрани државата длабоко се во заблуда. Државата може во ваква ситуација да ја одбрани само народот… Тоа народот може да го докаже на дело и да покаже поинакво однесување и да покаже дека има и капацитет и волја и моќ да ја брани својата држава и јас верувам дека народот ќе дејствува и нема да се согласи со она што му се подготвува. И само народот е тој што може тоа да го спречи, никој друг. Политичарите, оние коишто се борат и бранат нема да можат сами, особено затоа што не се обединети, едни бранат, а другите се на другата страна. И само народот е тој кој што може да се вмеша и да ја заврши работата во однос на одбраната“.
    По ова интервју, на 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ предводена од Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски, која е против опозицијата да коалицира со партиите на македонските Албанци зашто со тоа наводно ќе се загрози унитарниот карактер на државата. На првиот ден од протестите се скандираше за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“. На 28 февруари, на вториот ден од протестите, беа нападнати двајца новинари кои со повреди завршија во ургентниот центар.
    На 19 март, 2017, Никола Груевски на интервју на Канал 5 изјави: „Што народот ќе прави, тоа никој не може да го предвиди, народот е над политичарите и нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. Ние не одиме против волјата на народот, тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот. Јас кажав во еден мој претходен настап: државата е нападната, ВМРО има само 51 пратеник, нема 61 или 63 како што посакувавме и не можеме да го одбраниме сами во парламентот. Потребно е народот да си ја одбрани својата држава затоа што може да ја нема. И да не испадне дека не сум го кажал ова, го кажувам и го повторувам, државата може да ја нема ако се остави на овој човек и на неговите сценаристи да го истераат својот план“.

    На 27 февруари почнаа протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ предводена од Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Игор Дурловски, која беше против тогашната опозиција да коалицира со партиите на македонските Албанци зашто со тоа наводно ќе се загрози унитарниот карактер на државата

    Во текот на март, 2017 речиси секојдневно се множат „патриотски“ невладини организации за зачувување на македонскиот интегритет и унитарноста на Македонија. Во рок од неколку дена, во Централниот регистар беа впишани три нови здруженија на граѓани – МПО „Лавови“ од Битола, Македонско-патриотско здружение Методија Патче од Охрид и Непокор од Струга. На почетокот на месецот се формираа две други здруженија, „Национален фронт“- Прилеп и фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров“.
    На 9 април, 2017, изјава на Никола Груевски, во време кога СДСМ и ДУИ беа во преговори за формирање коалиција: „Доколку СДСМ влезе во такво сценарио за кое се заговара деновиве, на неправно, незаконско, неделовничко однесување во Парламентот, треба да знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира оштро, а треба да очекува дека и народот во Република Македонија ќе има сериозна реакција, според она што можеме да го видиме деновиве. Да не мисли дека тоа ќе помине туку така и дека народот ќе остане со скрстени раце. ВМРО ќе одговори жестоко и ќе одговори соодветно“.

    27 април 2017 – Организираниот напад на Собранието

    Нападот во Собранието се случи додека актуелното владејачко мнозинство го избра Талат Џафери за нов претседател на Собранието (Фото: СДК.МК)

    • Нападот во Собранието се случи додека актуелното владејачко мнозинство го избра Талат Џафери за нов претседател на Собранието. Неколку недели претходно, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ поттикнати од говорот на омраза на Никола Груевски – претседателот на партијата, протестираа пред Законодавниот дом, за да искажат незадоволство поради формирањето на новата владина коалиција.

    Демонстрантите слободно шетаа, се сликаа, кршеа, пееја, тепаа и се закануваа на пратениците и новинарите. Дел од полицајците пријателски им се обраќаа на насилниците и се поздравуваа со нив.

    • Народот пред Собрание влегуваше во неколку групи, но додека уште траеше прес-конференцијата на новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери и лидерот на СДСМ, Зоран Заев најголем дел од новинарите беа во салата каде што се одржуваат прес-конференциите на пратениците.„Откако на телевизорот кој се наоѓа во салата видовме дека народот се обидува да влезе во Собранието, ја напуштив прес-конференцијата и излегов надвор да видам што се случува. Пред вратата на прес-центарот стоеше дел од собраниското обезбедување, и неколкумина од обезбедувањето на Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тие се туркаа и се обидуваа да спречат десетина души да влезат во прес-салата. Немаше друг народ, само овие неколкумина лица“, вели еден од новинарите кои ги следеа собраниските настани. Полиција немаше, освен собраниското обезбедување, немаше кој да интервенира,  кажа тогаш нашиот соговорник.
    • Актерот Владо Јовановски и Игор Дурловски (во средината, со очила) ееден од инцијаторите на ‘За заедничка Македонија’ кои влегоа во Парламентот (Фото: Ѓ. Личовски)

    • „Она што се случуваше пред прес-центарот беше во најмала рака вознемирувачко. Најпрво десетина лица со качулки и маски на главите насилно влетаа во холот и почнаа да се закануваат на обезбедувањето, да кршат врати и да се туркаат за да влезат во просторијата каде што се наоѓаше лидерот на СДСМ. Лице од обезбедувањето со пиштол се обиде да го заштити просторот околу пратениците и да ги растера демонстрантите. Еден од вработените во собраниското обезбедување беше повреден, откако демонстрантите неколку пати го бутнаа на земја“, раскажуваа новинарите кои во тоа време се нашле пред прес-салата.  Демонстрантите со шипки и столици удираа по пратениците и новинарите. Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески и Дамјан Манчевски имаа видливи повреди на главата.

      Седум пратеници од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ учествувале во отворањето на главната собраниска врата и ги насочувале демонстрантите на 27 април, покажуваат снимките од собраниските камери кои ги објави телевизија Телма. Тоа се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичка партија на Македонија, кои се гледаат на безбедносните камери.

    • Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите кои го влечеа низ собраниските ходници.

      На видео се гледа како министерката и пратеничка Елизабета Канческа-Милевска се поздравуваше и прегрнуваше со напаѓачите во пленарната сала додека траеше нападот на пратеници и новинари во СОбранието. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    • Во и околу Собранието имаше едвај 50 полицајци и тие не ги спречија насилниците. Демонстрантите слободно шетаа, се сликаа, кршеа, пееја, тепаа и се закануваа на пратениците и новинарите. Дел од полицајците пријателски им се обраќаа на насилниците и се поздравуваа со нив.
    • Првата вистинска реакција на полицијата беше околу 22 часот кога почнаа да ги туркаат демонстрантите надвор од собраниските ходници. Неколку минути по 22 часот, од внатрешноста на Собранието се појавија специјалци кои почнаа да ги буткаат демонстрантите надвор од објектот.
    • Возила со специјалци почнаа да пристигнуваат дури откако пратениците веќе беа повредени. Лошата реакција на полицијата ја призна и тогашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој најави дека ќе побара одговорност од сите ангажирани во Оперативниот штаб, затоа што полицијата не реагирала на време.

      Возила со специјалци почнаа да пристигнуваат дури откако пратениците веќе беа повредени, два часа по нападот; – Повредениот Заев и пратениците се евакуираат од Собранието доцна во ноќта (Фото: СДК.МК)

    Изјава на Никола Груевски на 28 април 2017, изутрината по организираниот напад и насилството во Собранието, откако се врати во Виена каде беше на 27 април за време на нападот на Собранието: „Подготвеноста да ги ставаат на коцка националните и државните интереси заради гола власт, и бегањето од ново соочување со народот на избори е директна причина заради која дојде до оваа несакана ситуација. Во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите следни чекори, но ВМРО секогаш била и ќе остане на страната на народот, на страната на Уставот и на страната на националните интереси на државата, затоа што постои токму заради народот и заради Македонија.Повикувам да се прифати иницијативата на претседателот Иванов за средба на партиските водачи со цел изнаоѓање институционално решение по мирен пат без дополнителни штети за државата и за нејзините граѓани. Само преку дијалог може да се излезе од сегашната криза, сѐ друго води кон хаос и штета на државата. Потсетувам дека во повеќе наврати јавно говорев за можните ризици со ваквиот однос на СДС и нивните партнери. Истовремено, ги повикувам сите граѓани на Македонија да не подлегнуваат на провокациите на СДСМ, правото да се протестира е загарантирано со Устав, но очигледно некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да го обвини ВМРО-ДПМНЕ, а штетата врз Македонија да ја претвори во своја партиска и политичка добивка. Народот има право да си ја чува и брани земјата и тоа никој не може да му го оспори, но навлекувањето на насилни методи, на физички пресметки оди на директна штета на Македонија и на сите нас во неа. Оние кои го правеле сценариото за денес, очигледно посакувале да имаат насилство со цел истото да го стави во сенка незаконското, противуставното и противделовничкото бирање на претседател на Парламенто со класично силување на Парламентот и на државата. Нивната цел е никој да не говори за тоа, туку за насилствата направени од поединци и притоа прстот да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое нема никакв поврзаност со овие настани“.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес конфренцијата рече дека е нападот на Собранието е е организиран од Груевски, Ѓорге Иванов и Митко Чавков и дека бил организиран обид за негово убиство (Фото: Г . Трпеноски)

    • На 28 април 2017 вечерта, откако лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека е нападот на Собранието е организиран од Груевски, Ѓорге Иванов и Митко Чавков и дека бил организиран обид за негово убиство, Никола Груевски на интервју во Телма изјави:„ Никогаш не сум поддржувал насилство и тоа што се случуваше во парламентот најостро го осудувам. Тоа што се случуваше во и пред собранието е одговорност и на СДСМ кои немаше слух за барањата на луѓето кои 60 дена протестираа и бараа одговори. Место да ги сослушаат нивните барања тие ги навредуваат со најпогрдни зборови…. Ако сакаше некој вчера да го убие Заев, ќе го убиеше. Во салата имаше 100-200 луѓе, на неколку метри, ако дошле со помисла да го убијат, можеа да го убијат. До него стоеја. Така што не е точно дека некој сакал да го убие, туку најверојатно луѓето ги понел револтот… За време на протестите досега едно цвеќе не било згазено, а она што се случи вчера, во голема мера го детерминираше СДСМ со неговите постапки… Зошто на пример одбраа точно во 18 часот да бираат претседател на Собрание, зошто не во 14 часот, кога знаеја дека во 18 часот луѓе надвор протестираат?… Чија реторика ја разгоре масата? Ајде да не зборувам, човекот е во болница. Но, тој човек зборуваше дека Македонците немаат корен и слично“.

    Судска постапка само за тепачите

    Во Извештајот на работната група на Министерството за внатрешни работи за настаните на 27 април се вели дека полицијата направила пропусти и прекршоци, кои се спротивни со Законот за полиција и дека полицијата потфрлила како последица на политичко влијание. Исто така, стои дека тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков на 27 април во 17.59 часот на поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, му пратил смс порака „Состојбата е под контрола“.

    Во Извештајот на работната група на Министерството за внатрешни работи за настаните на 27 април се вели дека тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков на 27 април во 17.59 часот на поранешниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу, му пратил смс порака „Состојбата е под контрола“. Митко Чавков, поранешен директор на Јавна безбедност во МВР на суд (Фото. СДК.МК)

    За пропусти во работата, Министерството суспендираше 23 полицајци, а против 45 поведе дисциплински мерки.

    • На 30 април 2017, Основното јавно обвинителство објави дека за три дена  идентификувани се петнаесет лица инволвирани во нередите кои се случија во Собранието. По прибирање на релевантен доказен материјал, започната е  постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие. За 14 лица ОЈО предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост.
    • На 3 мај 2017 Јавното обвинителство, за едно од лицата за кои МВР поднесе известување, оцени дека постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело учество во толпа и предизвикување општа опасност и одредена е  мерка притвор. Три дена подоцна Обвинителство по две кривични пријави поднесени од Министерството за внатрешни работи против две лица за сторено кривично дело учество во толпа, за едно лице предложи до судија на претходна постапка мерки на претпазливост а за второто лице мерки на обезбедување.
    • На 8 мај 2017 Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен предлог против девет лица учесници во нередите во Собранието. Осомничените се товарат дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.
    • На 10 мај 2017ј беа идентификувани две лица инволвирани во нападот на пратеникот Зијадин Села, за кои постои основно сомнение дека го извршиле кривичното дело обид за убиство и побара мерка притвор.
    • На 23 мај 2017 деветте обвинети за кривичното дело учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должност, на судење добија условни казни, откако се изјаснија за виновни.
    • На 3 август 2017, Обвинителствотото до Основниот суд 1 Скопје достави Обвинителен акт за лицето Панче Ангелов кое ја нападна тогашната пратеничка сега министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Според обвинението, лицето се товари дека за време на настаните во Законодавниот дом извршило грубо насилство, повлекувајќи за коса пратеничка, по што таа добила повреди на главата.
    • На 6 октомври 2017 се одржа второто рочиште на кое обвинетиот Панче Ангелов, ја призна вината. На Ангелов, Судот му одредеи казна затвор од 4 години.

    Пратеничката и заменик претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска имаше хируршка интервенција на главата поради повредите што ги доби кога беше нападната во Собранието при упадот на толпата. (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

    • На 21 септември 2017 беше уапсени притворен Игор Југ, за кого постои основно сомневање дека преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на 27 април.

    ЗаИгор Југ, во црна маица со хрватски симбол веднаш до лицето кое носи фантомка, постои основно сомневање дека преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    • На 1 декември 2017, Собранието го симна имунитетот на шесттемина пратеници.
    • На 5 декември 2017 Судот одобри притвор за Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, за Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димов куќен притвор.
    • На 6 јануари 2018, Почна судењето на обвинетите за обид на убиство на Зијадин Села.
    • На 27 март 2018 Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт против 28 лица за терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста, а две лица се товарат за помагање за истото кривично дело во врска со нападот во Собранието на 27 април минатата година.
    • На 27 март 2018 притворот на Мукоски, Василевски и Арнаудов им е заменет со куќен притвор, на Јохан Тарчуловски и Љубчо Димовски им е укинат куќниот притвор, а против Жаклина Пешевска е запрена постапката. Покрај пратениците, од притвор беше пуштен и Митко Чавков, директор на Јавна безбедност во МВР, обезбедувањето на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, и Оливер Поповски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира