ЕКИПИ ОД АРМИЈАТА АСИСТИРАЛЕ ДА СЕ ЗЕМАТ ПРИМЕРОЦИ ОД ТЕЧНОСТА СО ХЕМИКАЛИИ ШТО СЕ ИЗЛЕА ВО „ОХИС“

    ЕКИПИ ОД АРМИЈАТА АСИСТИРАЛЕ ДА СЕ ЗЕМАТ ПРИМЕРОЦИ ОД ТЕЧНОСТА СО ХЕМИКАЛИИ ШТО СЕ ИЗЛЕА ВО „ОХИС“Од Министерството за одбрана велат дека во „Охис“ биле екипи за атомско-биолошкo-хемиска одбрана, бидејќи поседуваат специјална опрема кога е потребна асистенција во вакви случаи. (Фото: СДК.МК)

    Екипи од Армијата биле повикани во кругот на фабриката „Охис“, за асистенција при земање примероци од течноста што се излеала и од која се ширеше непријатна миризба во овој дел од Скопје. Од Министерството за одбрана за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во „Охис“ биле екипи за атомско-биолошк-хемиска одбрана, бидејќи поседуваат специјална опрема кога е потребна асистенција во вакви случаи.

    „Екипите асистираа на надлежните институции за да земат примероци за понатамошни испитувања на течноста која се излеала. Асистенцијата траеше неполн час, по што екипите ја напуштија фабриката“, велат од Министерството за одбрана.

    Денеска, при миење цистерни преку кои се вршело препакување на метил акрилат мономер, во кругот на фабриката „Охис“ се излеала водата. Како што кажаа од Инспекторатот на Министерството за животна средина, пукнал вентилот на цистерната и водата се излеала во танкваната, еден вид када. Станува збор за околу 7 тони вода, која е контаминирана бидејќи со неа се миеле хемикалиите. Инспекциските служби на централно и локално ниво постапиле по дојава од жители кои утрово почувствувале непријатна миризба во околината на фабриката.

    „Лабораторијата на МВР зема проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка. Од страна на Државен инспектор за животна средина ќе биде изготвен Записник за констатирана состојба на лице место, а правниот субјект е веднаш задолжен да работи на терен цела ноќ за да целата излеана течност од кадата биде преточена во соодветно пакување, а во текот на викендот ќе биде извршен контролен инспекциски надзор од Државниот Инспекторат за животна средина“, велат од Инспекторатот.

    Постапката за чистење на хемикалиите во кругот на „Охис“ го врши фирмата „Еко центар 97“, која треба да го извезе отпадот во Швајцарија, каде ќе се врши негово уништување.

    „Историскиот течен опасен отпад е безбедно преточен во специјални ADR буриња од страна на правниот субјект Екоцентар 97, Скопје во август месец годинава, врз основа на одобрен Елаборат за животна средина од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање како изведувач на активностите, во депото каде беше лоциран историскиот течен опасен отпад, а во соработка со подизведувачот бугарската фирма Сириус Стар од Русе. Преточувањето на течниот опасен историски отпад од старите буриња безбедно се направи со соодветна опрема во нови ADR специјални буриња кои се сместени во затворен наменски магацин и истите се обележани согласно Правилникот – Листа за видови отпад. Активностите беа проследени со вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Складираните буриња е планирано да се извезат надвор од државата согласно важечките законски процедури за извоз од Законот за управување со отпадот“, велат од Инспекторатот.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари