ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ НЕ ЗНАЕ КАДЕ БИЛ НА 27 АПРИЛ, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ИСКОМЕНТИРА „ЕХ, МОЈА ЧУДЕСНА МАКЕДОНИЈО“

    ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ НЕ ЗНАЕ КАДЕ БИЛ НА 27 АПРИЛ, СУДИЈКАТА КАЦАРСКА ИСКОМЕНТИРА „ЕХ, МОЈА ЧУДЕСНА МАКЕДОНИЈО“Ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски доби притвор откако на 3 декември на судењето за 27 април обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски, го посочија како еден од организаторите на нападот на Собранието. - Атанасовски пред МВР на 21 октомври 2016, кога го избрка истражителот на СЈО кој дежураше во просториите на УБК каде што СЈО постапуваше по две судски наредби за одземање документи и компјутерски записи (Фото: принтскрин од видео)

    На предлог на Александар Василевски-Нинџа, пристапи да сведочи притворениот ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски, кој беше донесен со лисици од затворот во Шутка. Тој е притворен пред 2 дена откако тројца од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, во своја одбрана го посочија како еден од организаторите на нападот, заедно со Александар Василевски-Нинџа.

    И Нинџа денеска пред Основниот суд Скопје 1 го посочи за истото.

    „Го познавам Нинџа околу две и пол години од теретана. Го запознав пред да станам директор на УБК. А дали бил ангажиран или вработен во Службата, се повикувам на ЗКП на тајност на податоците. Прашајте во МВР, нека ви ги декласифицираат тие податоци“, му одговори Атанасовски на адвокатот на Нинџа Звонко Давидовиќ.

    Обвинителството за организиран криминал кое води постапка за него за член 324 од ЗКП за здружување за непријателско дејствување, денеска во судницата, јавно, немаше прашања за него.

    Судијката Добрила Кацарска го испрашуваше.

    „На 27 април 2017 година околу 18 часот тргнавме на ракомет. Штом стигнавме пред сала, се случи тоа“, рече ексдиректорот.

    „Кај бевте после тоа, што се случи?“, го потпраша Кацарска.

    „Не знам кај бев и во колку саат кај бев. Обезбедувањето мое поточно знае“, одговори Атанасовски.

    „Господине Атанасовски, директор на УБК сте биле тогаш, не знаете кај сте биле за настаните на 27 април. Владо, ех моја чудесна Македонијо!“, се сврте Кацарска зачудена кон обвинетиот актер Владо Јовановски, кој глумеше во промотивните спотови за Македонија со истата реплика.

    Тој стана, ги рашири рацете и го гестикулираше неговиот познат настап, извикувајќи од место: „Ех, моја чудесна Македонијо!“, на што сите се изнасмејаа, а Атанасовски си продолжи во истиот стил, дека ништо не знае.

    Тој рече за влегувањето во Собрание видел од медиумите. На прашање на Кацарска, одговори дека во салата ги познава Крсто Мукоски, Митко Чавков, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Игор Дурловски.

    По ова Кацарска му се заблагодари. По кусиот исказ му беа ставени лисици и Атанасовски си замина за Шутка.

    Истрагата за него продолжува.

    По него сведочеше Владимир Петрушевски, пријател на Нинџа. Тој го префрлил со кола во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и го чекал додека Нинџа бил на осмиот кат, среде паравоениот партиски штаб на чело со Митко Чавков, како што кажа претходно и Нинџа. Потврди и тој дека таму го видел ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски, кој пред неколку минути тврдеше дека тоа време бил тргнат за на ракомет, односно дека не се сеќава точно кај бил. Петрушевски ја потврди целата изјава на притворениот пријател.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари