Поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска добила платен налог од Државната комисија за спречување на корупција, зашто во имотниот лист ја сокрила компанијата на сопругот.
Црвенковска вели дека нема добиено платен налог, ниту платено. Во Антикорупциската комисија, пак, покажуваат документ – доказ, картонче со црвена боја дека платниот налог е доставен и потпишан.
Оттаму велат дека Црвенковска имала можност да плати веднаш (односно во рок од 8 дена) и во тој случај таа би била преполовела, би изнесувала 150 евра. Рокот поминал, таа не ја платила и целосната казна од 300 евра, па сега оттаму најавуваат дека за Црвенковска ќе биде поднесена прекршочна пријава.
„Јас не сум добила платен налог, а со тоа и немам ни платено казна. Добив известување од ДКСК за непотполен имотен лист и јас на тоа ѝ одговорив на Комисијата. Им објаснив дека таа фирма на сопругот, во времето кога бев избрана за претседател на Судскиот совет, беше во стечајна постапка. Како јас да ја утврдам нејзината вредност и сопственоста, во стечај кој е во тек? Сега таа е во стечај и официјално, а сопругот не може ни да се приближи таму“, вели Црвенковска.
Во Антикорупциската комисија остануваат на тоа дека таа го прекршила законот и велат дека комисијата за прекршоци ќе оцени дали држат нејзините аргументи. Официјалниот одговор што го добивме оттаму е дека во материјалот си стојат докази дека ги добила како известувањето, така и платниот налог што нејќе да го плати, изготвен на 18 октомври 2022 година. Во доставницата стои дека известувањето за платниот налог Црвенковска го примила на 1 ноември 2022 година.
Прекршочната казна за неплатен налог за криење на семеен имот за функционер, е од 300-500 евра.
ДКСК ја открила непријавената фирма на сопругот на Црвенковска, откако се обратила до Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи, Централниот депозитар за хартии од вредност, Централниот регистар, како и до финансиските институции во државата.
Но во образложението на одлуката на Антикорупциската комисија, на крајот се наведува дека истражувајќи кај овие органи, биле откриени и податоци кои му се дадени на Обвинителството.
„Во текот на проверката на податоците добиени од надлежните институции, Државната комисија дојде до одредени наоди и сомневања за постапувањето на надлежни институции и правни лица, по однос на кредитирањето на правното лице ЕКОПЛАСТ РИСАЈКЛИНГ ДОО увоз- извоз Скопје во сопственост на нејзиниот сопруг, за што одлучи да го извести надлежното обвинителство по овие наоди и сомневања“, наведува ДКСК.
С. К. ДЕЛЕВСКА