ЕКСТРАДИЦИЈАТА НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ЌЕ ЈА КОЧАТ СУДИИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ, ТВРДАТ СУДИИ ОД КРИВИЧЕН СУД

    ЕКСТРАДИЦИЈАТА НА ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ЌЕ ЈА КОЧАТ СУДИИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ, ТВРДАТ СУДИИ ОД КРИВИЧЕН СУДВо следниве денови ќе се види дали екипата од десетина судии контра СЈО, а блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои сѐ уште се на клучни позиции во судот, работат или не на спасување на избеганите разузнавачи од екстрадиција - Грујевски и Бошковски при првото појавување во солунскиот суд на 20 октомври (Фото: Ројтерс)

    Двајцата разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошковски во Грција најмиле адвокат специјализиран за права на обвинети лица во постапка за екстрадиција, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Министерството за правда.

    Двајцата чекаат судење во Солун на 1 декември за кривичното дело фалсификување исправи, затоа што со фалсификат бугарски пасоши се обиделе да излезат од Грција каде што се избегани и да одат за Унгарија. Судењето два пати се одложува поради тоа што судот не можел да обезбеди преведувач од грчки на македонски.

    Изворот кој сака да остане анонимен бидејќи не е овластен да дава изјави во јавноста, а е запознат со случајот и со слични случаи на екстрадиција, тврди дека немањето преведувач во судот во Солун е многу помал проблем во однос на главниот проблем дома – односот на судиите во Основниот суд Скопје 1. Тие би можеле да ја одолговлекуваат постапката за комплетирање на предметот со кој Министерството за правда би требало да побара екстрадација на обвинетите во случаите на СЈО за нелегалното прислушување и уништувањето на прислушната опрема.

    Главна сопирачка е тоа што во Основниот суд Скопје 1 уште не се оценети обвинителните акти за предметите „Тврдина“ и „Таргет“ во кој се обвинети двајцата разузнавачи, кои за да избегнат притвор побегнаа од Македонија.

    На уште полоша варијанта од одолговлекувањето на постапката предупредуваат судии од Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје, кои во изминатиот период беа тргнати од предметите на СЈО. Тие се сомневаат дека обвинителниот акт баш во овој период би може да биде вратен на доработка, па дури и отфрлен. Кривичниот суд, потсетуваат  тие, ги одби сите барања за мерки за притвор досега во врска со истрагите и 17-те обвиненија на СЈО, вклучувајќи ги и барањата за притвор на Грујевски и Бошковски, кои подоцна навистина избегаа како што тврдеше СЈО. Ги одби и таканаречените „бомби“ како докази.

    Во следниве денови,  велат, ќе се види дали екипата од десетина судии контра СЈО, а блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои сѐ уште се на клучни позиции во судот, работат или не на спасување на Грујевски и Бошкоски од екстрадиција. Во играта, велат тие, долго време се десетина судии кои биле влезени во кругот на поранешниот претсeдател на судот Владимир Панчевски и без чија помош тој не би можел да ја спроведува агендата за која го сомничи СЈО – дека им давал информации на осомничените и обвинетите во нивните случаи.

    Во исто време, и в.д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев пред неколку дена зел отворено боледување.

    Тоа што Грујевски и Бошкоски веќе најмиле специјален адвокат за правата на обвинети лица во постапка на екстрадиција говори дека тие се спремни и на варијантата ако грчките судски власти одлучат да не го чекаат предметот, да ги осудат за фалсификат, а грчката држава да ги протера, сметаат нашите соговорници. Тие предупредуваат дека ако тргне натака работата, тие ќе го негираат делото, ќе поднесуваат тужби до тамошната Апелација, ќе ја развлечат постапката и ќе направат сѐ  за да не дојдат пред судовите во Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари