ЕУ БАРА ИТНИ ПРЕГОВОРИ, ДЕНЕСКА НОВИ ПРОТЕСТИ

    ЕУ БАРА ИТНИ ПРЕГОВОРИ, ДЕНЕСКА НОВИ ПРОТЕСТИ

    За денеска во 18 часот пред седиштето на СЈО во Скопје повторно е закажан протест на граѓаните што се противат на одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичари и против изборите закажани за 5 јуни. Масовните протести, што се одвиваа изминативе три дена, ги организира граѓанската иницијатива Протестирам / Нема правда – нема мир, со барања Иванов да ја повлече аболицијата, да нема избори на 5 јуни и веднаш да се формира техничка влада која ќе подготви фер и веродостоји избори.

    Вчера, додека траеја протестите, Државната изборна комисија со шест гласа „за“ и без присуство на претседателот Александар Чичаковски и членовите на опозицијата донесе одлука дека се исполнети сите услови за одржување на изборите на 5 јуни. Претседателот на ДИК Александар Чичаковски и членовите од СДСМ Виолета Дума и Игор Милев ја напуштија седницата пред да почне гласањето. Останатите изгласаа дека постојат услови за организирање на веродостојни избори на 5 јуни.

    Европската унија вчера ги повика сите партии итно да се вратат на преговарачката маса и да ги имплементираат преземените обврски за реформа меѓу кои и оние за подготовка на веродостојни избори, во интерес на сите граѓани. Како што соопшти Мисијата на ЕУ при Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, ова е важно за да се задржи земјата на евроатлантскиот пат.

    Лидерот Зоран Заев вчера изјави дека избори на 5. јуни нема да има и најави посилни протести. Вчера пак, СДСМ  без објаснување ги откажа автобусите со кои во Скопје на најавениот протест требаше да дојдат активисти од цела Македонија.

    Вчерашниот протест кој заврши пред Владата мина мирно, со свирежи и скандирање „Готово е, Никола“, „Мафија“ и повремено фрлање со јајца кон владината зграда. Имаше и обиди за ситни провокации за судир со полицијата, кои ги смири лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, кој рече дека лично ќе ги предаде на полицијата сите оние кои на било кој начин ќе нападнат полицаец, јавија репортерите на СДК.МК.

    Полицијата го ослободи пристапот кон Владата, откако не им дозволуваше на демонстрантите да им се приближат ниту на Собранието ниту на Владата. Демонстрантите беа заробени на потегот околу Камениот мост. Тоа го зголеми револтот помеѓу граѓаните. Во текот на блокадата  демонстрантите ја гаѓаа со јајца и боја Триумфалната порта Македонија, и врз еден од рефлјефите беше испишан графит „Грабеж“. Центарот на Скопје беше целосно блокиран. Силни полициски сили имаше на секој чекор.

    Граѓаните што протестираат против одлуката на Иванов за аболиција на политичари и против изборите закажани за 5 јуни прво се собраа пред седиштето на Специјалното обвинителство и тргнаа кон Собранието, но таму наидоа на кордон полицајци кои не им дадоа да се приближат до зградата. Демонстрантите беа запрени кај Триумфалната капија. Потоа беа сопрени и кај Камениот мост во близина на Музејот на ВМРО.

    Во исто време со овој граѓански протест, пред седиштето на СДСМ имаше контрапротест што го организира Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ). Со десетици автобуси од цела Македонија беа донесени демонстранти кои протестираа против тоа што претседателот Иванов ги аболира и Зоран Заев и Зоран Верушевски и ја поздравија одлуката за распишување избори на 5 јуни. Нема најави дека ГДОМ и денеска ќе протестира.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари