ЕУ ГО ГУБИ КРЕДИБИЛИТЕТОТ СО ПОСЛЕДНИТЕ ОДЛУКИ, КАЖА РИКЕР ЗА БЛОКАДАТА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИ

    ЕУ ГО ГУБИ КРЕДИБИЛИТЕТОТ СО ПОСЛЕДНИТЕ ОДЛУКИ, КАЖА РИКЕР ЗА БЛОКАДАТА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИРикер и Заев на заедничката прес-конференција во рамките на настанот „Преспа форум дијалог“. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    ЕУ со последните одлуки си го поткопува кредибилитетот и испраќа погрешен сигнал во регионот, кажа в.д. помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, одговарајќи на новинарско прашање за бугарското вето и неотпочнувањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија. Рикер, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев на „Преспа форум дијалог“ во Охрид, рече дека на тој начин се зајакнуваат перцепциите дека ЕУ го напушта регионот.

    „На билатералните состаноци што јас ги имав, како и господинот Палмер, ние ја поздравивме одлуката на ЕУ да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија во март минатата година. Тоа беше знак за напредокот на двете земји во спроведување на реформи. Пристапувањето на Северна Македонија ќе ја зголеми секако стабилноста во Европа и поврзаноста во Европа и затоа суштински елемент на американската политика е поддршка за пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ. Но, последните одлуки го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ. Тоа испраќа погрешен сигнал и се зајакнуваат перцепциите на Западен Балкан дека ЕУ го напушта регионот. Јас не верувам во ова и затоа го поддржуваме почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ. Многу јасно го изразивме ова во многу прилики и истовремено спроведувајќи други активности“, изјави Рикер.

    За извршната наредба за Западен Балкан на американскиот претседател Џо Бајден, Рикер рече таа упатува на Преспанскиот договор и на Охридскиот договор, како елементи на стабилност и напредок во регионот и САД се горди што беа дел од тие напори, а се однесува и на оние кои што спроведуваат коруптивни практики во регионот.

    „Ова на нашиот претседател му дава посилно оружје, посилна алатка за влијание врз регионот, но не можам да ви кажам кога и како ќе се искористи оваа алатка. Меѓутоа тоа е сигнал од администрацијата и индикација за сериозноста со која гледаме на ова прашање. Борбата против корупција на глобално ниво е врвен приоритет и на нашата надворешна политика“, кажа Рикер.

    Заев, прашан за резолуцијата што денеска ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која би биле дефинирани државните позиции во разговорите со Бугарија, одговори дека нема логика.

    „На сите им е јасно за што се разговара и дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од преговорите. Има една убава егзактна наука, која се вика Логика. И согласно односот на господинот Мицкоски кој ме обвинува и за ветото од Бугарија и за предавство на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кои се две спротивставени работи е далеку од здравата логика. Ние секогаш сме биле инклузивни и транспарентни со процесот“, изјави Заев.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира