ЕУ СЕ ГРАЃАНИТЕ, НЕ САМО ЛИДЕРИТЕ, ВЕЛИ НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЗА ВЕТОТО НА МАКРОН

    ЕУ СЕ ГРАЃАНИТЕ, НЕ САМО ЛИДЕРИТЕ, ВЕЛИ НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЗА ВЕТОТО НА МАКРОНКога се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, Сасоли му кажал дека не носат одлука за членство, туку за процесот за членство. - Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли (Фото: Твитер)

    Новиот претседател на Европскиот парламент, Италијанецот Давид Сасоли, вели дека перспективата за членството на Северна Македонија во ЕУ не само што не е мртва, туку е пожива отколку што беше пред француското вето на состанокот на Европскиот совет на 18 октомври. Тој вели дека моторот на ЕУ се граѓаните, не само лидерите, а противењата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија биле минорни и верува дека многу скоро ќе може да се надмине оваа пречка.

    „Не е мртва, туку е пожива од што беше вчера. Од една проста причина: до скоро за оваа тема не се зборуваше во јавноста. Сега да. И ова е несомнено е предност во процесот кон пристапните преговори. Моторот на ЕУ се граѓаните, а не само лидерите“, вели Сасоли во интервју за државната агенција МИА пред неговата посета на Скопје в понеделник.

    Кога се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон, Сасоли му кажал дека не носат одлука за членство, туку за процесот за членство.

    „Ова е токму тоа на што работиме. Не заборавајте дека откако ќе го започнеме преговарачкиот процес ќе има уште многу работа и на страна на ЕУ и на страна на Северна Македонија. Кога се сретнав со претседателот Макрон, му реков дека не носиме одлука за членство, туку за процесот за членство“, вели Сасоли.

    Тој објасни и зошто првата посета надвор од ЕУ му е во Скопје.

    „Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија. Затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме. Најдоброто нешто, освен тоа што има мала пауза во процедурите сега е што владите, парламентите и јавното мнение во ЕУ поддржува отворање на пристапните преговори со овие земји. Ова е точно и на север, и на југ и на исток, и на запад на ЕУ. Како во секој демократски процес, се разбира, мораме да постигнеме одлука со консензус. Имаше минорни противења во овој случај, но верувам дека многу скоро ќе можеме да ја надминеме оваа пречка. Северна Македонија и нејзиниот народ тргна на пат кон многу важни реформи и тоа го сторија затоа што веруваа дека тоа ќе ги отвори вратите за членство. Ние ги вреднуваме овие резултати како крајно позитивни. Ова е вистина и во Европскиот Парламент и Европската Комисија, но и во огромното мнозинство влади на земјите членки. Имаме заедничка судбина“, кажа Сасоли.

    За време на посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Рим на 29 октомври, неговиот италијански колега Џузепе Конте кажа дека недоделувањето датум на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена. Италијанскиот премиер, исто така, потсети дека стабилноста на Западен Балкан е од клучна важност за Европа и дека европската интеграција е единствената опција.

    Конте му вети на Заев дека Италија ќе го поддржи евроинтегративниот процес на Северна Македонија и најави дека процесот ќе продолжи на следниот состанок на министрите за надворешни работи во ноември.

    „Италија и Италијанците нема да ја остават Северна Македонија сама“, кажа Конте.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира