ЕВРОПСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА НОВИНАРИ ГО ПОВИКА СУДОТ ДА ЈА РАЗГЛЕДА ПРЕСУДАТА СО КОЈА ОДБИ ОТШТЕТА ЗА НОВИНАРОТ ТРПЕНОСКИ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕТО ОД НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ОТИ ПРЕСУДИ ДЕКА ТОЈ НЕ Е НОВИНАР, А СДК.МК НЕ Е МЕДИУМ

    ЕВРОПСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА НОВИНАРИ ГО ПОВИКА СУДОТ ДА ЈА РАЗГЛЕДА ПРЕСУДАТА СО КОЈА ОДБИ ОТШТЕТА ЗА НОВИНАРОТ ТРПЕНОСКИ ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕТО ОД НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО ОТИ ПРЕСУДИ ДЕКА ТОЈ НЕ Е НОВИНАР, А СДК.МК НЕ Е МЕДИУМНовинарот Трпеноски акредитиран како известувач од Собранието на 27 април, според судот не бил новинар - Самослик на Трпеноски од прес центарот со колегите на 27 април 2017 (Фото:СДК.МК)

    Европската федерација на новинари (ЕФН) и нејзината членка, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука, откако Основниот граѓански суд Скопје на 14 април годинава ја одби тужбата за надомест на нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка како и за спреченост на правото за информирање при известувањето од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, поднесена од тогашниот новинар на САКАМДАКАЖАМ.МК Горан Трпеноски. Во образложението на одлуката на Судот, се наведува дека САКАМДАКАЖАМ.МК не е медиум, а Трпеноски не е новинар.

    „Горан Трпеноски известуваше за настаните на 27 април 2017 година за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk). Откако кон него беа упатени закани се одлучи да поднесе тужба за попречување на правото за пристап до информации и нанесената психолошка штета. Вчера, во својата пресуда, судијката Јованка Спировска-Панева објасни дека во тоа време Трпеноски не бил новинар затоа што работел за онлајн медиумот (sdk.mk), што според Законот за медиуми не се смета за медиум. Понатаму во оваа пресуда, судот не го признава правото на информација како уставно право. ЕФН и ЗНМ сметаат дека со оваа пресуда се кршат европските правни стандарди за слобода на печатот, дефинирани од Европскиот суд за човекови права. Оваа пресуда ја прекрши и судската пракса на Апелациониот суд во Македонија со која се потврди дека не треба да им се ускрати позицијата на новинар на професионалците кои работат во интернет медиумите. ЕФН се приклучува на нејзината членка ЗНМ во барањето да се преиспита оваа пресуда со која се нарушува слободата на печатот“, соопшти Европската Федерација на Новинари (ЕФН), која е најголемата организација на новинари во Европа, која застапува повеќе од 320,000 новинари во 72 новинарски организации во 45 држави.

    Во случајот на Трпеноски, судијката се повикува на законската одредба според која „издавач на медиум е физичко или правно лица кое врши дејност на издавање на печатен медиум, или емитување на радио и телевизиски програми“, а дигиталните редакции не ги признава за медиуми. Но, иако работат во телевизиски редакции, иста одлука Граѓанскиот суд Скопје претходно донесе и по поднесените тужби од новинарките Душица Мрѓа и Наташа Стојановска, присутни на насилствата на 27 април 2017 во Собранието, за кои констатираше исто така дека немале телесни повреди. Мрѓа и Стојановска тогаш беа акредитирани во Собранието како новинарка на ТВ24.

    Трпеноски, кој сега е член на Антикорупциската комисија, во 2017 беше вработен во САКАМДАКАЖАМ.МК и како новинар беше акредитиран во Собранието како дел од тимот собраниски известувачи.

    На 27 април 2017 година за време на протестот во Скопје кој што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира