ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРЕДЛАГА НЕФОРМАЛНА СРЕДБА ВЛАСТ-ОПОЗИЦИЈА ВО ПАРИЗ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТА

    ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ПРЕДЛАГА НЕФОРМАЛНА СРЕДБА ВЛАСТ-ОПОЗИЦИЈА ВО ПАРИЗ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ДОВЕРБАТАПокрај започнувањето дијалог власт-опозиција, Иво Вајгл и Талат Џафери разговарале за актуелните случувања на политички план во Македонија.(Фото: Собрание на РМ)

    Европратеникот Иво Вајгл и претседателот на Собранието Талат Џафери разговарале за можноста за започнување дијалог помеѓу парламентарните политички партии.

    „Се разговараше за можноста за отпочнување на дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието на одредени теми. Овој дијалог, под покровителство на Европскиот парламент, има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието и подобра комуникација на опозицијата и власта по однос на одредени прашања“, се вели во соопштението по средбата на европратеникот Иво Вајгл и претседателот на Собранието Талат Џафери во Парламентот.

    Покрај започнувањето дијалог, Вајг и Џафери разговарале за актуелните случувања на политички план во Македонија како и за активностите на Собранието до крајот на годината.

    Неофицијално, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Европскиот парламент (ЕП) сака во Париз да организираа неформална средба на опозицијата и власта, за подобрување на меѓусебната доверба како и за наоѓање на заеднички ставови за прашања битни за влезот во Европската унија.

    Европратеникот Вајгл после средбата со Џафери, се сретна со опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Движењето Беса и ДПА. Неофицијално, извори од ВМРО-ДПМНЕ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека за предлогот на Вајгл за неформална средба, партијата прифаќа само да се разговара за подобрување на соработката меѓу парламентарните групи и за прашања за деблокирање на работата на Собранието.

    „Средби се неопходни, но инсистираме јавноста да знае дека тие средби нема да станат Пржино 3, или пак да се разговара за проблемот со името“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    Од партијата бараат од Вајгл месец дена за да се прецизираат темите за кои ќе се разговара. Известителот за Македонија во ЕП Вајгл, пред средбите со опозицијата кратко изјави дека во Македонија е дојден за проектот „Жан Моне“.

    „Би сакал да разговараме за проектот ‘Жан Моне’ на Европскиот парламент за подигнување на дијалогот меѓу политичките партии“, рече Вајгл.
    Европратеникот утре ќе се сретне со владејачката коалиција, СДСМ, ДУИ и Алијансата на Албаниците, по што се најавени повеќе детали за неговата посета.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари