Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи и државниот јавен обвинител Марко Зврлевски се дружеа по преставата “Наследникот“ на Народниот театар од Приштина, со која во Македонија беше одбележана 9-годишнината од независноста на Република Косово. Иако двете обвинителства во јаноста се перцепираат како непријателски, тие за време на коктелот разменија пријателски досетки, забележа репортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Режисер на претставата со која беше одбележан националниот празник на Република Косово е македонскиот режисер Слободан Унковски. Тој претставата ја постави во декември минатата година во Народниот театар во Приштина, според романот на светски признатиот, неколкупати номиниран писател за Нобеловата награда, албанско-францускиот автор Исмаил Кадаре.
Драматизацијата е на Горан Стефановски, сценографијата на Крсте Џидров-Џиби, костимите се на Розе Трајчевска, а музиката е на Златко Ориѓански. Во една од главните улоги настапува актерот од Македонија Бајруш Мјаку.
Домаќин на свеченоста беше амбасадорот на Косово во Македонија Јилбер Хиса. Салонот на МНТ беше преполн со претставници на политичките партии од албанскиот блок во земјава, со амбасадорите на повеќе странски земји и со јавни личности од културата , политиката и од судството. Главна политичка ѕвезда на прославата беше лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој беше опкружен со сопартици и соработници. Со него на коктелот по претставата го забележавме и лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.
Публиката со голем аплауз и со одобрување на отворена сцена ја проследи и ја поздрави политичката сатира што преку романот на прогонетиот, подоцна светски признат писател Кадаре ја носи претставата. Таа зборува за односите во албанското општество по мистериозната смрт во 1981 година на Мехмет Шеху, назначениот наследник на тогашниот тоталитарен водач на Албанија, Енвер Хоџа.
Горан Стефановски во најавата пишува дека му е чест што имал можност да работи на драматизација на роман кој е монументално литературно достигнување и длабинска анализа на мрачните и деструктивни сили на политиката.
Прославата на деветгодишнината на Косово со претставата на албанскиот автор, во режија на македонски режисер. одеше под мотото „Кога зборува уметноста, ние молчиме“.