ФИЛИПЧЕ ПРЕГОВАРА СО ТЕВДОВСКИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ

    ФИЛИПЧЕ ПРЕГОВАРА СО ТЕВДОВСКИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИМинистерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе го променат начинот на набавки, и три до четири месеци однапред ќе се распишуваат тендерите, за да не се случи да има недостиг од потребната терапија (Фото: М. Златевска)

    Зголемување на средствата за набавка на лекови за ретки болести и промена на законската регулатива за да се обезбеди континуирана грижа за овие пациенти, најави новиот министер за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека преговараат со Министерството за финансии да се зголеми буџетот на програмата за ретки болести и да го сменат начинот на набавка на овие лекови.

    „Лекови во моментов има, на почетокот на 2018 година треба да се распише тендерот за набавка на лекови и планираме неколку чекори за да се подобри системот на снабдување со лекови. Во активни преговори сме со Министерство за финансии да се зголеми буџетот за тие лекови и уште побитно е да ја подобриме законската регулатива и сите постапки што се поврзани со набавување на тие лекови за да спречиме во иднина, каков било ризик од дефицит на лекови. Тендерската процедура ќе се зголеми од една на две години и начинот на набавка на лекови да се прави најмалку еден квартал однапред, за да не дозволиме во ниеден момент да не се јави недостаток на лекови“, рече Филипче.

    Тој најави дека Комисијата за ретки болести при Министерството за здравство утре ќе има состанок заедно со здруженијата на пациенти со ретки болести, и дека идејата е да се најде заедничко и оддржливо решение за нивните проблеми.

    „Многу е важно пациентите да не чувствуваат дека сме им наметнале изнудено решение, туку во соработка со нив да се најде решение кое најмногу ќе им помогне“, кажа Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира