ФРАНЦИЈА ЈА ОДЛИКУВА ШЕКЕРИНСКА КАКО ГОЛЕМА ДАМА НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА

    ФРАНЦИЈА ЈА ОДЛИКУВА ШЕКЕРИНСКА КАКО ГОЛЕМА ДАМА НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКАМинистерката за одбрана Радмила Шекеринска доби орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Република Франција“ и е прв политичар од Македонија што од Франција добива признание од овој ранг; - со ќерката Ада (Фото: М. Златевска)

    Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва доби орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Република Франција“. Орденот во име на францускиот претседателот Емануел Макрон во француската резиденција во Скопје ѝ го врачи државниот секретар на вооружените сили Женевиев Дариесек. Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние  рече дека Францја ја одликува Шекеринска како „голема дама на македонската политика, инкарнација на македонскиот пат кон демократијата“. Шекеринска е прв политичар од Македонија што од Франција добива признание од овој ранг.

    Орденот во име на францускиот претседателот Емануел Макрон во француската резиденција во Скопје ѝ го врачи државниот секретар на вооружените сили Женевиев Дариесек (Фото: СДК.МК)

    На церемонијата на доделувањето на орденот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри и пратеници, амбасадори, и семејството на Шекеринска, ќерката Ада, сопругот Божидар, мајка ѝ и сестра ѝ.

    Ова високо одликување, воспоставено во 1963 година од Генералот Шарл де Гол, се доделува за истакнати граѓански заслуги, на воени или цивилни лица. Вицепремиерката Шекеринска го добива орденот за нејзиниот особен придонес кон развојот на односите помеѓу Македонија и Франција, како и за нејзината посветеност на промовирањето на европските граѓански вредности. Во образложението се вели дека придонесот на Шекеринска кон процесот за пристапување во ЕУ е многу значаен. За време на нејзиниот мандат како заменик на претседателот на Владата задолжен за европски интеграции од 2002 до 2006, Европскиот совет одлучи на 17 декември 2005 година да ѝ додели на Македонија официјален статус на земја кандидат. Оваа одлука претставуваше голем чекор за Македонија и позитивен сигнал за другите земји од Југоисточна Европа.

    „Франција покажува дека останува покрај Македонија, како што рече претседателот Макрон во својот говор на Сорбона во септември 2017, за земјата да може, кога за тоа ќе дојде време, да го заземе полноправно своето место во Европската конструкција“, се вели во образложението.

    Во ретко емотивниот говор, заблагодарувајќи се за почеста Шекеринска рече дека „жените политичарки мора да бидат 10 пати посилни од мажите за да опстојат. Тоа не е фер, но е реалност“. Таа им се заблагодари на своите родители за сè што постигнала, и рече дека би била среќна ако успее да биде барем половина толку добар родител како нив. А потоа му се заблагодари на сопругот Божидар и ќерката Ада, за кои рече дека се нејзините две сонца што ја држат на површината и во најтешките моменти.

    „На 27 април лани во Собранието не чувствува ни страв, ни бес ниту омраза, туку само огромна грижа на совест за страдањето на моето семејство. Но подоцна една дама ми го кажа следново: Да, Радмила, тие страдале, но помисли дека во исто време и многу се гордееле со тебе“, рече Шекеринска.

    Врачувајќи го орденот, министерката Дариесек рече дека на Шекеринска ѝ се доделува за талентот и вредностите кои се  признаени како во Македонија така и во Европа.

    „Нема да се задржувам на настаните од 27 април 2017 година. Во тешките времиња секогаш бевте подготвена да преземете најголема одговорност. Сега во новата Влада, имате голема одговорност во клучна област. Малку е да се каже дека ние го цениме значајниот придонес што го давате, преку највисоките државни органи за нашата безбедност и одбраната на слободите на нашиот континент“, рече Дариесек.

    Заблагодарувајќи се, Шекеринска рече дека ја прифаќа почеста во име на својата земја, на нејзиниот народ и во име на владата.

    На церемонијата на доделувањето на орденот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри и пратеници, амбасадори (Фото: М. Златевска)

    „Ја прифаќам оваа почест во име на мојата земја Македонија и нејзиниот народ. Во име на сите граѓани кои се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Босанци и други. Заслугата ним им припаѓа поради нивната енергија, нивната амбиција, трпеливоста и надежта. Енергија да се продолжи и покрај сè. Амбиција да направат промени во својата земја. Трпение да се надминат препреките. Надеж дека промената е можна и зависи од нас. Голема надеж дека Македонија е европска земја, дека нашите вредности се европски. Ние покажавме политичко водство, но тие ги заслужија вашите комплименти со својата издржливост и храброст, со својот дух. Почеста ја прифаќам во име на нашата Влада, на премиерот Заев и на моите колеги. За нивната напорна работа, без каење, без политичка пресметка во текот на последните 12 месеци“, рече Шекеринска.

     

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира