Претседателот на Франција Емануел Макрон вчера се сретна со македонскиот премиер Зоран Заев на маргините на Самитот во Трст, Италија меѓу седум земји членки на Европската унија и шест земји од Западен Балкан, за унапредување на односите со ЕУ и регионалната соработка.
Како што соопшти Француската амбасада во Македонија, која на својата фејсбук страна ја објави и фотографијата од средбата меѓу Макрон и Заев, „Франција сака лидерите на земјите од Балканот да имаат поддршка и да бидат придружувани во нивната европска перспектива“.
На Самитот во Трст, Заев кажа дека е донесена одлуката да се изгради железничката пруга кон Бугарија, како дел од Коридорот 8, инвестиција проценета на 152,3 милиони евра, а Европската унија ќе учествува во изградбата со грант од 70 милиони евра.
На Самитот Заев имаше и билатерална средба со германската канцеларката Ангела Меркел и британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.