Директорите на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски, на затворот „Скопје“ во Шутка Филип Андонов, градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски и пратеникот Дарко Каевски попладнево беа повикани во полициска станица, откако синоќа присуствуваа на ракометниот натпревар меѓу Македонија и Данска. Според протоколите за одржување спортски настани, во салата не смее да има публика, а функционерите не само што беа во салата туку и се пофалија објавувајќи слика на социјалните мрежи.
„’За кого? За Македонија'”, беше напишано на фотографија од салата „Борис Трајковски“, која ја објавија функционерите по завршување на натпреварот.
Галетановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека на распитот во полициската станица Карпош објаснил оти на натпреварот присуствувал како дел на менаџментот на РК Спартак од Кисела Вода, на покана на ракометната федерација.
„Се прочитав на списокот кој што бил предаден во МВР еден ден пред натпреварот, на врата ме сместија уредно и го проследив мечот. Тврдам дека не прекршив ниту еден протокол и доколку Обвинителството пронајде вина во некоја моја постапка повикувам да постапи според законот“, вели Галетановски.
А. АНТЕВСКА