ФУНКЦИОНЕРИТЕ ЗА АПРИЛ И МАЈ ЌЕ ЗЕМАТ МИНИМАЛНА ПЛАТА, АДМИНИСТРАЦИЈАТА ОСТАНУВА СО ИСТИ ПРИМАЊА, КАЖА СПАСОВСКИ

    ФУНКЦИОНЕРИТЕ ЗА АПРИЛ И МАЈ ЌЕ ЗЕМАТ МИНИМАЛНА ПЛАТА, АДМИНИСТРАЦИЈАТА ОСТАНУВА СО ИСТИ ПРИМАЊА, КАЖА СПАСОВСКИПремиерот, претседателот, министрите, директорите, градоначалниците два месеци ќе земаат минимална плата, а сите именувани членови на управни и надзорни одбори, како и на Советите на општините два месеци нема да земаат никаков надоместок.(Фото: Влада)

    Сите избрани и именувани функционери за месец април и мај ќе земат минимална плата од 14.500 денари, кажа денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски, презентирајќи го вториот сет економски мерки за справување со кризата поради коронавирусот.

    Тоа значи дека премиерот, претседателот, министрите, директорите, градоначалниците два месеци ќе земаат минимална плата, а сите именувани членови на управни и надзорни одбори, како и на Советите на општините два месеци нема да земаат никаков надоместок. На вработените во јавниот сектор не им се намалува платата, кажа Спасовски, што е спротивно на предлогот на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

    За приватните фирми погодени од кризата за месеците април и мај ќе им се помогне во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник, под одредени услови. Алтернативна мерка е 50% субвенции на придонеси за вработените во приватни фирми.

    „Оние фирми кои ќе аплицираат да добијат субвенција за минимална плата за вработените не смеат да отпуштат вработени, да не исплаќаат дивиденди, бонуси и награди, и да имаат 30 проценти намалување на прометот во споредба со лани. Со минимална плата ќе се субвенционираат и сите спортски работници во спортски здруженија, како и самостојните уметници, а граѓаните кои останале без работа ќе добиваат 50 отсто од платата во зависност од стажот“, рече Спасовски.

    Месечен надоместок од 7.000 денари ќе добиваат лицата од неформалната економија, а извршувањето ќе биде стопирано до крајот на јуни.

    Спасовски кажа дека вториот пакет економски мерки за справување со кризата е донесен во широка консултација со членовите на економскиот совет формиран за оваа цел, со стопанските комори и врвни економски познавање и угледни стопанственици. За спроведување на мерките ќе бидат потребни 200 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари