ГАЗДА ИЗБРКАЛ ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ОД РАБОТА ЗАШТО ПОМУАБЕТИЛО СО ЌЕРКА МУ, СОВЕТОТ НА ЕВРОПА БАРА ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ПРЕСТАНЕ ОВА ИЗЖИВУВАЊЕ

    ГАЗДА ИЗБРКАЛ ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ОД РАБОТА ЗАШТО ПОМУАБЕТИЛО СО ЌЕРКА МУ, СОВЕТОТ НА ЕВРОПА БАРА ОД ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ПРЕСТАНЕ ОВА ИЗЖИВУВАЊЕОва право на промена на родот во матичниот број го има дури и во најконзервативните и религиозни земји, како Полска и Грција. (Фото: Изложба на Коалиција Маргини)

    Пратениците од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ И Алијанса за Албанците, со ретки исклучоци во своите редови, се изживуваат врз трансродовите лица кои се толку мал процент во Македонија, што не може да се измерат ни во промили, неносејќи го законот со кој ќе може да го сменат својот род во матичните броеви.

    На пратениците не им е гајле дека овие луѓе живеат пеколни животи, неможејќи ни да се вработат, ни да задржат работно место, да трпат бламажи во банка, да не можат да изнајмат или не дај боже купат стан, да се прегледаат на лекар…Ни најмалку виновни, трансродовите лица се родени со еден пол, а живеат и се чувствуваат во спротивен род, согласно како ги водат хормоните. Нормално, со тоа и изгледот им е поинаков поради различниот родов идентитет од полот, што пак е изворот на сите нивни проблеми, напади и понижувања од институциите и околината.

    Трансродово лице од Скопје е избркано од работа зашто газдата го терало да носи кецела со логото на фирмата, иако можноста место кецела да носи маица или дуксер со тоа лого, им била дадена на колегите. Само нему не му ја дал таа алтернатива, за да се изживува и да изврши притисок да си даде отказ.

    „Јас му кажав на мојот сега бивш претпоставен дека сум трансродово лице и на почетокот немаше проблем. Се додека еден ден не ги донесе двете мали деца на работа, а поголемото, на возраст од седум години не ми пријде и на невин детски јазик ме праша што ќе бидам кога ќе пораснам, дали баба или дедо. Се обидов на шега да го сменам муабетот, зашто сметам дека на толку мало детенце кое срдечно ви пристапило, човек не треба да му ги објаснува своите проблеми. Наредниот ден дојде само со ова дете. ‘Излегувај надвор!’, му се развика на детето кога влезе во просторијата кај што бев јас, како да сум чудовиште. Од тој ден, мојот претпоставен го смени односот кон мене. Почна да инсистира да ја носам кецелата во која сум како бремена жена. Истовремено, колегите можеа да не ја носат, да работат само со блузите со логото на фирмата. Ме уцени, си заминав“, е тажната приказна на ова лице.

    Застапуван од Коалицијата „Маргини“ тој доби пред Комисијата за заштита од дискриминација, сега ќе поднесе тужба против државата во Стразбур.

    Од аптека во Јегуновце, избркано е трансродово лице кое сакало да купи лекови, случај во кој Комисијата исто така утврди директна дискриминиција врз него.

    Овие три пратенички групи кои САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша кој е проблемот што не се носи Законот за матична евиденција кој на трансродовите лица треба да им се овозможи да сменат ознака за род, воопшто не одговорија. Одговор напиша само пратеничката група на СДСМ, која ветува дека идната недела ќе се обиде заглавениот предлог-закон во Собранието да го стави на дневен ред на комисијата за политички систем.

    Македонија изгуби пред Судот во Стразбур пред точно две години кога трансродовиот маж Икс ја тужеше државата што не му овозможуваше промена на родот во матичниот број. Овој случај ја чинеше 9.000 евра отштета. Државата мораше родот од „ж“ да му го смени во „м“. Покрај тоа, Македонија со пресудата е задолжена под итно со закон да им овозможи промена на родот на трансродовите лица, со едноставна административна процедура, само пред Управата за водење матични книги.

    Ова право на промена на родот во матичниот број го има дури и во најконзервативните и религиозни земји, како Полска и Грција.

    Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) за надзор на спроведувањето на одлуките на Судот во Стразбур, на есенската сесија во ноември донесе одлука „силно да ги охрабри властите во Македонија да ги преземат сите неопходни мерки да осигураат дека предложените законски измени за матична евиденција кои на 6 мај 2021 беа испратени во Парламентот, да бидат усвоени без одлагање“.

    Комитетот на министри на СЕ, според објавеното соопштение, „ги повика властите постојано да го информираат за секој развој на ситуацијата во овој поглед и да достават надграден акциски план најдоцна до први март 2022 година“.

    Во тоа име, на трети февруари, според соопштението на веб страната на Собранието, претставници на Коалицијата „Маргини“ и на други невладини организации се сретнале со Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, на која се договориле во текот на февруари Предлог-законот за измена на законот за матична евиденција да биде ставен на дневен ред на Комисијата за политички систем. Но, и меѓу двете читања на законот, да се одржи јавна расправа за запознавање на пратениците што во суштина значи предложеното законско решение за промена на матичен број, преку самоопределување.

    Тоа впрочем е и основниот проблем кај трите од четирите најголеми пратенички групи – либералноста на законот. Како тоа без докази за хормонска терапија за трансформација во спротивниот род и без докази за хируршка интервенција за промена на пол, ќе се дозволувало да се смени ознаката за род во матичниот број. А Стразбур, Советот на Европа и предложениот закон бараат тоа промената да може да се направи со едноставна административна постапка, врз база на самоопределување на лицето.

    И додека пратениците бегаат како од ѓавол од темата, Наташа Бошкова, адвокатката од Коалицијата „Маргини“ која го застапуваше и го доби случајот на Икс во Стразбур, вели дека десетина трансродови лица кои трпат тешка дискриминација пред се од институциите, нема веќе да чекаат на совеста на актуелните пратеници. Сите ќе поднесат тужби пред Европскиот суд за човекови права и слободи и од него ќе бараат да ѝ наложи на државата да изврши измена на ознаките „м“ или „ж“, како што успешно тоа го направи лицето Икс. Плус и да ги обештети за сите права што им се ограничени или тотално оневозможени во Македонија.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали има комоција Република Северна Македонија да не ја изврши пресудата на Стразбур и дали има кондиција бесконечно да плаќа високи суми како обештетување за кршење на правото на родов идентитет на оваа мала група наши сограѓани, одговара со предупредување Даница Џонова, адвокатот на Македонија пред Судот во Стразбур.

    „Одложувањето на регулирањето на процесот и роковите за признавање на родовиот идентитет може да предизвика нови импликации. Новите апликации до Европскиот суд за човекови права и слободи ќе предизвикаат нови финансиски импликации за Република Северна Македонија. Надоместот на штетата Стразбур ја изрекува врз основа на својата судска пракса, а еднаш веќе на лицето Икс му досуди обештетување од 9.000 евра. Ме прашувате дали државата има кондиција до бесконечност да плаќа високи отштети по овој основ, мојот одговор е: Не.“, вели Даница Џонова.

    Министеството за правда застана зад неа, но оттаму додаваат и дека не е само овој закон закочен во Собранието.

    „Во мај 2021 година, Владата го утврди текстот на Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција. Во предложениот законски текст кој е во собраниска постапка на донесување, уредена е постапката за правно признавање на род, односно промена на пол и таа е во согласност со меѓународните стандарди кои бараат државата да воспостави брза, транспарентна и достапна постапка заснована на самоопределување. При изготвувањето на предложените законски одредби се имаше предвид обврската на Република Северна Македонија да ги спроведе меѓународно преземените обврски. Најнапред Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Северна Македонија (Application no. 29683/16) од 17.01.2019 година, со која судот констатира дека Република С.Македонија сторила повреда на Член 8 од Конвенцијата поради недостаток на регулаторна рамка која обезбедува право на почитување на приватниот живот на жалителот. Во Собранието не е закочен само овој закон, закочени се и многу други исто така важни закони за граѓаните. Со поттикнувањето на измени и дополнувања на постојниот закон за матична евиденција сме пратиле сигнал дека сме спремни, и како држава членка на Советот на Европа и како земја кандидат за членство во Европската Унија, да се бавиме со оваа тема, односно правно да го признаваме родот“, велат од кабинетот на министерот за правда Никола Тупанчевски.

    Координаторот Јован Митрески вели дека пратеничката група на СДСМ го поддржува и работи на реализација на Концептот „Едно општество за сите“ кој подразбира создавање еднакви можности и права за сите граѓани, независно од нивната каква било определба.

    Со оглед на тоа што за ова прашање како држава веќе плаќаме оштети врз основа на пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, наша обврска е да ги заштитиме граѓаните и Буџетот“, вели Митрески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира