ПРВОТО ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ СО ПРЕСУДА ОД СТРАЗБУР ДОБИ НОВ РОД И МАТИЧЕН БРОЈ НА МАШКО, СЕДУМТЕ ДРУГИ СЛУЧАИ ЌЕ ЧЕКААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

    ПРВОТО ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ СО ПРЕСУДА ОД СТРАЗБУР ДОБИ НОВ РОД И МАТИЧЕН БРОЈ НА МАШКО, СЕДУМТЕ ДРУГИ СЛУЧАИ ЌЕ ЧЕКААТ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ„Судот во Стразбур вели да не се соочите повторно со арбитрерни одлуки, добро е да си ги прецизирате тие законски одредби. Тоа значи да нема пречка која што ќе го ограничи пристапувањето до остварувањето на правото. Новиот закон е во подготовка и Маргини е вклучена во работата“, вели Наташа Бошкова, адвокатката од Коалицијата Маргини која го застапуваше и која го доби спорот пред Стразбур. (Фото: К. Попов)

    По 11-годишна правна битка пред домашните институции, лицето Икс кое во јануари во Стразбур ја доби тужбата против државата, успеа да го смени родот од женско во машко. Деновиве, Управата за водење матични книги дала одобение за промена на полот, односно родот на Икс од ознаката „ж“ во „м“ и тоа сега има нов матичен број, како машко лице.

    Станува збор за трансродово лице, родено во Скопје во 1987 година како девојче. Тоа е родено со машки организам, но со погрешен пол. Целосно е маргинализирано, 33 години живее во пекол, нема никакво човеково право. Нема соодветен род во матичниот број како што се чувствува, нема соодветна здравствена заштита, нема хормонска терапија, никој не го вработува, не му издаваат стан зашто во неговиот изглед луѓето гледаат манипулатор кој нема да ја плати киријата, проблеми има во банка, зашто им личи на измамник…

    „Без работа и практично со ништо остварено во животот Икс неодамна се врати кај родителите. Убавата вест ја дознавме пред неколку дена, среќен е за новиот почеток, среќни сме и ние“, вели Наташа Бошкова, адвокатката од Коалицијата Маргини која го застапуваше и која го доби спорот пред Стразбур, и која Владата  ја именуваше за член на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

    Информацијата ја потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК и од кабинетот на Бујар Дарлишта, директор на Управата за водење матични книги на Република Северна Македонија.

    „Промената на полот, односно родот на Икс е завршена и тој има нов матичен број. Тој има нов пол во Матичната книга на родените“, ни рекоа оттаму.

    Овој случај државата ја чинеше 9.000 евра. Толкава отштета му досуди на Икс Европскиот суд за човекови слободи и права, што треба да му ја исплати државата за обесправеноста и траумите низ кои што минувал овие 9 години кога не му се дозволуваше да ги смени ознаката за родот и матичниот број. Во јануари 2019, Европскиот суд за човекови слободи и права ја донесе пресудата и таа вели: Сторена му е повреда на лицето Икс поради тоа што не му се сменети податоците, а тоа е како резултат на нејасна законска рамка.

    „Пресудата налага индивидуален правен лек за Икс, нему да му се сменат податоците и да се донесе јасна законска рамка која ќе обезбеди брза, транспарентна и пристапна постапка за сите останати транс луѓе. Владата во јуни 2019 година и сега во септември има донесено две одлуки со кои ја задолжи Управата за водење матични книги веднаш да ги смени податоците на Икс, но и на сите останати транс луѓе кои што чекаат. Има седум-осум случаи кои што чекаат да им се смени ознаката „м“ во „ж“ или од „ж“ во „м“. Тие не биле во Стразбур, уште чекаат и се подготвени“, вели адвокатката Бошкова.

    Второстепената комисија одлучила позитивно за овој случај, што значи мериторно, а не само да го врати случајот на повторно одлучување, се чекаше само на Управата за водење матични книги.

    Бошкова вели дека се подготвува нов Закон за матична евиденција, иако и овој не забранува промена на родот за кој реално потреба имаат само трансродовите лица, кои вкупно во Македонија не се колку прстите на двете раце.

    „Судот во Стразбур вели да не се соочите повторно со арбитрерни одлуки, добро е да си ги прецизирате тие законски одредби. Новиот закон е во подготовка и Маргини е вклучена во работата“, вели Бошкова.

    А новиот закон што го изработува Министерството за правда е револуционерен во оваа смисла и воедно олеснувачки за цврстите ставови на Управата за водење матични книги, која без јасни законски одредби не сака да слушне да дава или да менува матични броеви на лица кои се родени во Македонија.

    „Врз основа на самоопределување на едно трансродово лице ќе се врши измена на род, а со тоа и на ознаката во матичниот број. Врз основа на самоопределување се дава изјава. Сега водиме борба дали пред нотари ќе ја потпишуваат и заверуваат таа изјава или само врз основа на формулар од Управата за матични книги, но битно постапката ќе се поедностави. Значи ќе треба да се усогласи тоа: дали со изјава пред нотар или со формулар ќе се излезе пред Управата. Нема веќе да се бара медицинска документација или дополнителни критериуми што треба да се исполнат. Тоа го бара и пресудата за Икс, значи брза, транспарентна и пристапна постапка. Тоа значи да нема пречка која што ќе го ограничи пристапувањето до остварувањето на правото“, вели Бошкова.

    Според неа, тоа би значело спроведување на пресудата од Стразбур. Сè друго нема да биде целосно спроведување на пресудата.

    Овие законски измени се најавуваат за декември. Дотогаш Икс, кој има целосно машки изглед, ќе ја смени личната карта на жена во нова лична карта со ознака во матичниот број за машко лице и ќе го почне новиот живот со достоинството кое неправедно државата му го беше заробила. Останатите седум маргинализирани трансродови лица ќе ги чекаат законските измени, со кои ќе можат слободно да се изјаснат во каков род се чувствуваат и да почнат и тие нов живот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира