Шестотини гласачи од Пустец, Албанија, кои во 2013 година биле распоредени на повеќе адреси во општина Центар и кои гласаа на локалните избори таа година, веќе се избришани, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Избришани се по вкрстените, теренските и административните проверки на Избирачкиот список од страна на Државната изборна комисија.
ДИК од Избирачкиот список тргнала и граѓани од Пустец впишани во избирачките места во Ресен. Но, таму не ги избришала сите, бидејќи во меѓувреме, дел од нив обезбедиле имотни листови, имаат адреси во Ресен, па со тоа го стекнале законскиот услов да бидат впишани во списокот на гласачи, а со тоа и да си имаат гласачко право за избори.
Неофицијално, повеќето од овие наши сонародници од Албанија добиле државјанство уште во 2001 година, кога министер за внатрешни работи беше Љубе Бошкоски, но првпат за гласање биле искористени на локалните избори пред три години. Нив до 2011 година ги немало во Избирачкиот список. Првпат се впишуваат пред локалните избори во 2013 година и остануваат за парламентарните и претседателските во 2014 година.
За овој преседан Специјалното обвинителство отвори случај за тешки изборни нерегуларности именуван „Титаник“. Покрај тогашните министри за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и за транспорт и врски Миле Јанакиески, осомничен е и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Тој се товари за регрутација, организирање и носење на овие гласачи кои си живеат во Албанија, на гласачките места во Центар во март и април 2013 година, кај што му фалеле гласови на кандидатот на владејачката партија Владимир Тодоровиќ за да го победи тогашниот кандидат на опозицијата Андреј Жерновски. Тој и со донесените нелегални центарци од Пустец, и по три круга гласање и прегласување, победи на драматичните избори за градоначалник на Центар.
Акцентот во истрагата на Специјалното јавно обвинителство е нелегалното издавање лични карти на овие наши сонародници. МВР незаконски им давало по 40-50 лични карти на овие луѓе на една адреса, во еден стан.
СЈО ги истражува наводите од прислушуваните разговори во кои се споменуваат овие гласачи. Во една од снимките, тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска му опишува на Мартин Протоѓер, близок соработник на тогашниот премиер Никола Груевски, како гласале овие донесени луѓе за локалните избори во Центар.
“Лудница, ама добро оди, добро оди“, вели Протоѓер во разговорот.
“Абе луѓево, човечињата си гласаат. А знаеш, провокации, што ти не, ама битно човечињава за рака се држат, влегуваат и гласаат, патент на уста“, одговара Јанкулоска. “Па ги снимале за рака кај што одат, па ги објавиле на Либертас или на не знам кој. Циркус е, циркус е, мислам лудница“, со смеење објаснува Јанкулоска.
При презентацијата на случајот „Титаник“ во февруари оваа година, специјалната обвинителка Фатиме Фетаи рече дека „се работи за целосна криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по ниту еден основ не смеат да бидат во тој список“.
„Некои лица се фотографирани во еден град, лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар. Се разбира и во избирачкиот список се таму и гласаат. Определени се 15.000 нови матични броеви, кои не се на новороденчиња. Има 35.000 изготвени лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто тие лични карти стојат во МВР. Има над 60.000 нови македонски државјани“, објасни тогаш обвинителката Фетаи.
Таа тврди дека истрагата на СЈО покажала дена во МВР била ангажирана целокупната човечка и техничка инфраструктура за да се состави избирачкиот список. Во целиот процес имале удел полициските службеници и командири на полициски станици, како и нотари кои заверувале договори за закуп без никаков правен основ.
Гласачите од Пустец ДИК ги категоризираше во третата група спорни гласачи (од околу 39.000 сомнителни граѓани кои се наоѓаат во Избирачкиот список), кај кои при теренските проверки беа поставувани прашања, за да може ДИК да одреди вистинит или невистинит адресен податок.