ГО ДОБИВ УПАТНИОТ АКТ ЗА В ЗАТВОР, НО НЕ И ПРЕСУДАТА, А ТОА Е НАМЕРНО ЗА ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕЧЕ ПРОЦЕДУРАТА ЗА ЖАЛБАТА, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИ

    ГО ДОБИВ УПАТНИОТ АКТ ЗА В ЗАТВОР, НО НЕ И ПРЕСУДАТА, А ТОА Е НАМЕРНО ЗА ДА СЕ ОДОЛГОВЛЕЧЕ ПРОЦЕДУРАТА ЗА ЖАЛБАТА, ВЕЛИ ЈАКИМОВСКИСудија за извршување санкции од Кривичниот суд Скопје му издаде упатен акт за издржување на казната затвор на осудениот Јакимовски, кому Апелациониот суд му ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење, од која 5 месеци веќе му се одлежани во куќен притвор. (Фото: Принтскрин од видео)

    Упатниот акт го добив, но сѐ уште ја немам добиено пресудата, а тоа намерно се прави за да се пролонгира времето за поднесување на жалба за одлуката, рече денеска правосилно осудениот поранешен градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Тој треба да се јави на отслужување казна затвор на 2 јули оваа година. Судија за извршување санкции од Кривичниот суд Скопје му издаде упатен акт за издржување на казната затвор на осудениот Јакимовски, кому Апелациониот суд му ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење, од која 5 месеци веќе му се одлежани во куќен притвор.

    Јакимовски в затвор треба да одлежи уште 7 месeци.

    Јакимовски вели дека е осуден на едногодишна казна затвор за поставување на привремена градба којашто служела 13 години на граѓаните на Општина Карпош, која не направила никому штета, туку направила корист за Општина Карпош за 13 години повеќе од 1,5 милион евра.

    „​Оние што ја донесоа пресудата и оние што ја направија оваа работа, се потрудија во четвртокот околу 14 часот да го добијам упатниот акт за одење во затворот Шуто Оризари на 2 јули оваа година, и можете ли да замислите до каде оди некоректноста, до ден-денес сè уште ја немам добиено пресудата. ​Што е крајно некоректно и невообичаено. Веројатно тие мислеле дека пресудата ја има оној којшто треба, односно оној којшто ја нарачал, а тоа е Христијан Мицкоски, и дека таа мене не ми е потребна. А јавноста мора да знае дека роковите за жалба, односно правосилноста на пресудата станува тогаш кога ќе ја добие тој што е осуден, а јас нејзе сè уште ја немам за да можам да поднесам жалба до Врховниот суд. ​Очигледно, со ваквата нечесна работа и натаму до крај, покрај фалсификатите и притисоците што ги користеа во оваа постапка, се обидуваат да го пролонгираат поднесувањето на барањето за преиспитување на одлуката на Апелациониот, вонредно преиспитување на одлуката на Апелациониот суд, сè со цел за овие 3-4 дена да пристигнат нови 50 предмети и со тоа да се пролонгира разгледувањето на овој предмет којшто ние како барање ќе го поднесеме до Врховниот суд, а тоа значи за прилика за месец, месец и пол да се пролонгира и одлуката, сè со цел како-така да можат да ме пикнат во затвор, за да потоа од од сето тоа прават перформанси“, рече Јакимовски на денешната прес-конференција.

    Тој го повика Врховниот суд да го земе овој предмет во обработка и да покаже, како што рече,  дека барем еден суд во оваа држава има којшто е подготвен да одолее на притисоци на власта и да  покаже дека сепак правда има во оваа држава.

    „​Инаку, јавноста мора да знае дека во сите осум кривични судови во Македонија, ова е единствен, прв случај во којшто некој треба да оди на ефективна казна затвор за дивоградба. Од замислете, 400 и колку илјади дивоградби имавме, а уште помалку некој да оди во затвор за поставување на привремена градба. Значи ова е направен таков политички преседан во којшто е инволвирано судството и во којшто не само што се резилат тие како политичари, туку се обидуваат да го извалкаат и овој суд, работејќи под притисок на на органите на власта“, додаде Јакимовски.

    На новинарско прашање дали ако има избори во Општина Карпош тој би се кандидирал, рече дека  нема да може  да се кандидира ако  има правосилна судска пресуда донесена од Апелациониот суд.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира