Стотина граѓани се собрани пред канцелариите на Државната изборна комисија кои се наоѓаат во зградата на поранешна „Нова Македонија“, каде се уште трае седницата на ДИК за приговорите на СДСМ и Беса за изборите во неделата.
Собраните граѓани свират и негодуваат, поради што дел од членовите на ДИК се пожалија дека на тој начин се врши притисок на нивната работа. Пред зградата има поставено ограда, а има и зголемено присуство на полицијата.
Пред малку, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ ја нарече скандалозна одлуката на ДИК да го даде потписот на гласачката Фатиме Сулејмани графолошка анализа за да се утврди дали гласала два пати по приговор на Беса и ја повика ДИК да ја коригира одлуката.
„Државната изборна комисија донесе скандалозна одлука да се изврши графолошка анализа на жена што гласала два пати. Ова е незапаметено во историјата на Македонија. Ја повикуваме ДИК да ја коригира ваквата одлука“, изјави Никола Тодоров пред седиштето на партијата.
Седницата на ДИК е во прекин.