ГРУЕВСКИ Е НАРАЧАТЕЛОТ НА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, НО ШЕФ НА УБК БИЛ МИЈАЛКОВ И ОД ТОА НЕМА БЕГАЊЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА СВЕДОЧЕЊЕТО НА ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    ГРУЕВСКИ Е НАРАЧАТЕЛОТ НА ПРИСЛУШУВАЊЕТО, НО ШЕФ НА УБК БИЛ МИЈАЛКОВ И ОД ТОА НЕМА БЕГАЊЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА СВЕДОЧЕЊЕТО НА ВЕРУШЕВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“„Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која Верушевски ја испрати во судскиот процес“, кажа Заев за сведочењето на Верушевски на судењето за „Тврдина-Таргет“. (Фото: СДК.МК)

    За премиерот Зоран Заев сведочењето на ексразузнавачот и сегашен владин советник Зоран Верушевски во предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, не го иззема од одговорност поранешниот шеф на УБК Сашо Милајков. Заев денес прашан како го коментира вчерашното сведочењето на неговиот советник Верушевски, во кое тој не го посочи Мијалков во операцијата на масовно прислушување, туку одговорноста ја префрли кај експремиерот Никола Груевски, одговори дека Мијалков во тоа време бил шеф на УБК и затоа мора да сноси одговорност.

    „Професорот Верушевски е мој советник, јас сум голем пријател со него. Фактите како и да бидат кажани не ја менуваат нивната суштина и вистинитост. Токму во времето на Груевски се случуваше ваквата узурпација на човекови права, преку прислушување на 20.000 граѓани. Исто така, недвосмислен факт е дека шеф на државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и од тоа нема бегање. Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која Верушевски ја испрати во судскиот процес“, кажа Заев.

    Верушевски вчера сведочејќи на дополнителни пршања од СЈО во предметот „Тврдина-Таргет“ за нелегалното масовно прислушување, како првообвинет го стави Никола Груевски, втор бившиот началник на Петтата управа Горан Грујевски, а третообвинет според него е Никола Бошковски. Сите тројца се во бегство: Груевски во Унгарија, а останатите двајца се во Грција. Верушевски обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков воопшто не го спомна дека имал каква било вина за прислушувањето.

    За наредното судско рочиште на 24 октомври, обвинителката Ленче Ристоска го повика да сведочи премиерот Заев.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари