ГРУЕВСКИ ИМА ПЕТ ЖАЛБИ И ТРОЈЦА АДВОКАТИ, А ПОПОВСКИ ЕДНА ЖАЛБА И ЕДЕН АДВОКАТ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЗА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ ЗА МЕРЦЕДЕСОТ

    ГРУЕВСКИ ИМА ПЕТ ЖАЛБИ И ТРОЈЦА АДВОКАТИ, А ПОПОВСКИ ЕДНА ЖАЛБА И ЕДЕН АДВОКАТ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЗА ЗАТВОРСКИТЕ КАЗНИ ЗА МЕРЦЕДЕСОТНикола Груевски на претходната седница на Апелациониот суд за затворската казна од две години изречена од Основниот суд Скопје 1 во предметот „Тенк“ на СЈО. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Груевски поднел пет, а Ѓоко Поповски од МВР една жалба за затворските казни за нелегалната набавка на блиндираниот мерцедес по желба на Груевски, со пари на МВР во 2012 година. Груевски, осуден на две години затвор од Основниот суд Скопје 1, е со тројца адвокати, а Поповски, осуден на 6,5 години затвор, во жалбената постапка пред Апелациониот суд е со еден адвокат.

    На денешната јавна седница на Апелациониот суд не дојде ни Груевски, ни неговите адвокати, зашто биле на судења. Но, апелационата судијка рече дека советот се обратил до Кривичниот суд и оти од таму добиле одговор дека на двајца од адвокатите на Груевски им биле одложени судењата, а третиот е во издвоената постапка за „Тенк“, кај што има еден обвинет (Гордана Јанкулоска) и уште еден адвокат. Но, и овој адвокат не дојде во Апелација и седницата си продолжи, како што налага Законот за кривична постапка во вакви случаи на игнорирање на судот од подносителите на жалбите.

    Во врска со писменото барање на отсутниот Груевски и на Поповски, кој дојде од затворот Идризово, за изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, беше прочитан нејзиниот писмен одговор, дека тоа барање е недозволено со законот.

    СЈО не поднесе жалба на изречените затворски казни за Груевски и Поповски, но во одговорот Јанева денеска побара постапката да продолжи. Во оваа жалбена постапка, Никола Груевски е тој што се жали и тој ја блокира постапката со безброј барања за изземања. Тој побара јавна седница, а не дојде на јавната седница, а не дојдоа ни неговите адвокати.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари