ГРУЕВСКИ СЕ ИСПЛАШИ ОД СЈО И НЕ ВЛЕЗЕ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА

    ГРУЕВСКИ СЕ ИСПЛАШИ ОД СЈО И НЕ ВЛЕЗЕ ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦАДодека истражителите на СЈО ја чешлаа документацијата внатре во управата на болницата, пратениците од опозицијата Никола Груевски и Никола Тодоров беа пред објектот и меѓусебе си зборуваа за спроведените проекти (Фото: СДК.МК)

    Посетата на пратеникот и лидер на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на Битолската болница денес се совпадна со присуството на истражители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но тој не се сретна со нив бидејќи, спротивно на вообичаената пракса, избегна да влезе и да прошета низ болницата. Додека претставниците на СЈО ја чешлаа документацијата внатре во управата на болницата, Груевски и техничкиот министер за здравство и сопартиецот пратеник Никола Тодоров беа пред објектот.

    Директорот на болницата потврди дека и денес СЈО разгледува документи околу групни набавки на рендген опрема од Министерството за здравство.

    „Дојдоа да проверат документи за Рамковна спогодба за групна набавка, меѓу повеќе болници, па и Битола. Документацијата им е ставена на увид. Бараат да ја видат оригиналната документација и фотокопии за проверка“, рече директорот Василе Најдовски.

    Место вообичаените помпезни посети на болницата, Груевски и Тодоров застанаа надвор и не одговараа на новинарски прашања, туку меѓусебе си зборуваа за проектите спроведени во болницата со реновирање на фасадата, набавка на опрема, вработување на нови кадри. Рекоа и дека акцелераторот за зрачна терапија кој требаше да почне да работи пред неколку години, ќе профункционирал за 9 месеци. Во разговорот не го спомнаа СЈО, а потоа Груевски замина за да, иако е невообичаено за опозициски лидер, изврши увид на изградбата на северната трибина на стадионот во Битола.

    Груевски е првоосомничен во новиот случај „Талир“ на СЈО за перење пари преку незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ со сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра, објавен на 22 мај. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи кажа дека постои основано сомнение дека првоосмничениот, претседателот на партијата во периодот од 2009 до 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби и дека тоа го направил од лични мотиви со злоупотреба на службена должност и овластувања. Претходно на прес-конференцијата, специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека предмет на истрагата за перење пари не е политичката партија, туку запознавање на јавноста како поединци од раководството ја злоупотребиле партијата водени од лични мотиви.

    СЈО на 22 мај отвори и нов случај „Траекторија“ против четири службени лица, високи владини функционери, кои во втората половина од 2012 и  во текот на 2о13 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле овластувањата. Четирите лица во постапката ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно на условите на кинеската влада и кинеската банка Ексим како заемодавач. Истрагата за кинеските автопати произлегува од 14. бомба на СДСМ, во која беше објавен прислушуван разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски во кој се спомнува и процент за провизија.

    Груевски немаше дојдено во Битола од минатата година од времето на Шарената револуција, кога поради герила акциите градот почнаа да го избегнуваат функционерите на ВМРО ДПМНЕ. Денес во Битола го пречека градоначалниот Владимир Талески, против кого СЈО има покренато обвинение за случајот „Транспортер“ за проневерени 360.000 евра. Присуствуваа уште дваесетина директори од градот и негови симпатизери, што беше драстично помалку отколку порано кога во Битола го дочекуваше свита народ, од директори на школи, јавни претпријатија, сопартијци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира