Никола Груевски цели десет години злосторнички се однесуваше кон Македонија и нејзините национални и стратешки интереси, реагираше СДСМ на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објавени на неговата страна на Фејсбук и во интервју на Сител ТВ, во кои ја обвини партијата и лидерот Зоран Заев дека „сака да ја редефинира државата и дека удира по државните и националните интереси“.
„Груевски и неговите најблиски соработници ќе одговараат пред институциите на системот за грабежот, криминалот, корупцијата, личните, професионални и семејни трагедии што им ги нанесоа на граѓаните на Македонија“, соопшти СДСМ и додаде:
„Лагите на обвинетиот Груевски за наводни редефенирања, федерализации и кантонизации на државата се последица на стравот од соочување со правдата која доаѓа. Никој повеќе не му верува на обвинетиот Груевски. На граѓаните на Македонија им е јасно дека под закана се само привилегиите на Груевски и на фамилијата“.
Груевски на Фејсбук напиша дека е поарно е да го уапсат, затворат и малтретираат, само да не удираат по државата и нејзините темели.
„Еве јас доброволно ќе прифатам ако тоа му е услов на Заев да ме уапсат, затворат и малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда“, рече Груевски.