ГРУЕВСКИ И УШТЕ 20 ОБВИНЕТИ ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ УСПЕВААТ ЦЕЛ МЕСЕЦ ДА СПРЕЧАТ ПОЧЕТОК НА СУДЕЊЕТО

    ГРУЕВСКИ И УШТЕ 20 ОБВИНЕТИ ЗА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ УСПЕВААТ ЦЕЛ МЕСЕЦ ДА СПРЕЧАТ ПОЧЕТОК НА СУДЕЊЕТОПоловина од поранешниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ на чело со првообвинетиот експремиер Никола Груевски се обвинети за злосторничко здружување за тешки изборни измами во 2011, 2012, 2013 и 2014 година - од судењето на 2 април годинава (Фото: М. Златевска)

    Откако априлските судски рочишта за „Титаник“ кој е за злосторничко здружување за тешки изборни нерегуларности едно по едно пропаднаа минатиот месец, следуваат пет однапред закажани за мај. Но, ова судење не е помрднато од нулта точка. Судијата Осман Шабани од Основниот суд Скопје 1 не може да го почне судењето, каде што првообвинет е експремиерот Никола Груевски, поради: барања за дополнително слушање на бомбите што им го удоволи на обвинетите, разни процесни приговори, барање за изземање на Шабани и на останатите од Советот, барање за изземање на судии и од Апелациониот суд Скопје, доцнење на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски со одлуката за изземање, поради недоаѓање на обвинетата Гордана Јанкулоска, недоаѓање на адвокат…итн.

    Адвокатката на Јанкулоска на минатото рочиште покажа боледување на Јанкулоска како доказ, дека е во ризична бременост и не може да доаѓа на судење. Таа во „Тенк“ токму поради тоа е издвоена во друга постапка.

    „Титаник“ е првиот отворен случај на специјалната обвинителка Катица Јанева, но поради обемноста најдоцна оценет и последен закажан. Во него има дури 21 обвинет, со скоро исто толку адвокати. „Титаник“ има едно комбе доказен материјал и рекорден број прислушувани разговори со конкретни намери и дејства за изборни нерегуларности во неколку изборни циклуси од страна на злосторничкото здружение кое го гони СЈО.

    Обвинението се однесува на изборен криминал во 2011, 2012, 2013 и 2014 година.  Сите предлози за притвор во целост беа одбиени од Кривичниот и од Апелациониот суд Скопје.

    • СЈО го обвинува Груевски за Злосторничко здружување, продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за Повреда на избирачкото право;
    • Мартин Протоѓер, поранешен шеф на кабинетот на Груевски е обвинет за Злосторничко здружување, Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за продолжено кривично дело Повреда на слободата на определување на избирачите;
    • Тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, покрај за Злосторничко здружување, обвинет е и за Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
    • Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на товар има најмногу кривични дела, зашто освен досега наведените кривични дела кај Груевски, Протоѓер и Божиновски, само тој ќе одговара дополнително и за Уништување на изборен материјал;
    • Гордана Јанкулоска, тогашна министерка за внатрешни работи, обвинета е за Злосторничко здружување, Повреда на слободата на определување на избирачите и за Повреда на избирачкото право;
    • Пратеникот Илија Димовски е обвинет за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања;
    • Тогашниот заменик-министер за правда Билјана Бришковска, пак, како дел од злосторничкото здружување за големи изборни нерегуларности, обвинета е и за Фалсификување исправа;
    • Партискиот функционер Леко Ристовски е за Злосторничко здружување и за продолжено кривично дело Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.

    Во идеални услови, на секое судење треба да се присутни сите обвинети и секој од нив да има барем по еден адвокат присутен на секое рочиште. Еден обвинет да фали, или негов адвокат, рочиштето не може да се одржи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира